Руските стратешки бомбардери „Тупољев 160“ минатата недела изведоа планирани летови до Чукотскиот автономен регион, изјави рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, кој нагласи дека целта не била застрашување на САД.
– Ние го правиме тоа што го правевме и претходно. Нашите стратешки бомбардери од долг досег почнаа да спроведуваат летови до областите до кои летаа и во минатото. Летовите беа изведени според однапред предвиден распоред – рече Шојгу.
Тој, во интервју за телевизијата Русија 24, додаде дека САД биле свесни за летовите на руските авиони.
Руското Министерство за одбрана во средата соопшти дека, во рамки на своите тренажни активности, упатило два бомбардера „ту-160“ , што можат да носат нуклеарно оружје, на рускиот Далечен исток, наспроти Аљаска.