Руски и украински нафтени компании потпишаа нов петгодишен договор за обезбедување на трансфер на рускиот гас во Европа преку Украина, објавија руската државна компанија за гас „Гаспром“ и канцеларијата на украинскиот претседател Владимир Зеленски.
Спогодбата беше постигната само еден ден пред истекот на досегашниот договор и тој е плод на долги билатерални преговори.
– После пет дена континуирани билатерални разговори во Виена, донесени се конечни решенија и постигнат е договор. Потпишаните договори значат дека рускиот гас ќе дојде во Европа преку Украина и по 31 декември – објави извршниот директор на „Гаспром“, Алексеј Милер.
„Европа знае дека нема да потфрлиме кога станува збор за енергетската стабилност“, објави Зеленски на Фејсбук, додавајќи дека договорот може да биде продолжен за уште десет години.
Украина би заработила најмалку седум милијарди американски долари во наредниот петгодишен период.