Руската полиција застрела 16-годишно момче во Татарстан, република каде што живее претежно муслиманско население.
Тој бил застрелан откако со нож прободел полицаец и се обидел да ја запали локалната полициска станица. Притоа тој извикувал „Алах акбар“.
Рускиот истражен комитет објави дека ќе го третира инцидентот како обид за тероризам, објави „Ројтерс“.
Тинејџерот се обидел да ја запали полициската станица во градот Кукмор со помош на молотов коктел, а за време на апсењето прободел полицаец најмалку три пати.
Друг полицаец испукал неколку истрели во воздухот како предупредување пред да биде принуден да отвори оган.
Младиот човек починал од повредите пред да пристигне брзата помош. Сè уште не е познато кој бил мотивот за нападот, а надлежните органи повеле кривична постапка.