Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу денеска најави дека Русија во текот на 2019 и 2020 година ќе произведе копнена варијанта на комплексот Калибар со крстосувачки ракети со голем дострел и нов ракетен комплекс со суперсонични ракети со голем дострел.
Тој додаде дека новите ракети се дел од мерките откако САД на 2 февруари се повлече од Договорот за ракети за среден и краток дострел.
По одлуката на Вашингтон, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија ја стопира примената на Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (ИНФ).
Путин издаде наредба да не се почнуваат преговори со САД за ИНФ, а и го задолжи Шојгу да подготви план за неутрализирање на заканите кои доаѓаат од поставување на оружје во Вселената.
– Ќе одговориме со иста мера. Американските партнери објавија повлекување од ИНФ и ние исто така ќе ја стопираме примената, посочи тогаш Путин.