Москва соопшти дека новите американски санкции поради случајот со Скрипал се строги и оти причините за нивното воведување се измислени. Со новите санкции ќе биде забрането да ѝ се издаваат лиценци на Русија за купување голем број американски производи, кои имаат примена во областа на безбедноста и одбраната

Русија остро реагира на новите американски санкции, кои Вашингтон наскоро ќе ги воведе поради наводната вмешаност на Москва во труењето на бившиот руски шпион Сергеј Скрипал во Британија. Руската амбасада во САД соопшти дека новите санкции поради случајот со Скрипал се драконски и оти причините за нивното воведување се измислени, пренесува Ројтерс.
Во реакцијата на руската амбасада се додава дека наодите на Вашингтон не се поткрепени ниту со факти, ниту со докази. Американските власти претходно соопштија дека на 22 август ќе воведат нови санкции против Русија, откако утврдиле дека Москва го употребила нервниот отров против Скрипал и неговата ќерка Јулија, во британскиот град Салзбери. Тие беа пронајдени без свест на клупа во мал парк во центарот на Салзбери.

– Утврдено е дека Владата на Руската Федерација користела хемиско или биолошко оружје, кршејќи го меѓународното право, или користела смртоносно хемиско или биолошко оружје против своите државјани – изјави Хедер Науерт, портпаролката на Стејт департментот.

Американската телевизија Ен-би-си, повикувајќи се на висок функционер на Стејт департментот, пренесе дека новите санкции најмногу би требало да го погоди извозот на чувствителни на американски производи во Русија, кои се однесуваат на националната безбедност. Според американскиот дипломат, со новите санкции ќе биде забрането да ѝ се издаваат лиценци на Русија за купување голем број американски производи, кои имаат примена во областа на безбедноста.
Светските медиуми наведуваат дека Вашингтон донесе сличен формален заклучок и во февруари, кога утврди дека Северна Кореја користела хемиско оружје за убиството на полубратот на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун на аеродромот во Куала Лумпур, на почетокот од 2017 година.

Вашингтон се одлучи за нови санкции и покрај напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да ги подобри односите со Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин, и тоа во тек на истрагата за можно руско мешање во американските избори во есента 2016 година. Во тој контекст е и најновото писмо на Трамп до рускиот колега. Американскиот сенатор републиканец, Пол Ренд, во текот на посетата на Москва му предал писмо на Путин, во обид да се омекне тонот спрема Русија и да се намали хистеријата со санкции во Вашингтон. Ренд неделава беше во неколкудневна посета на Москва во време кога Конгресот е на летна пауза.

– Почестен сум што можам да предадам писмо од Трамп во администрацијата на претседателот Владимир Путин. Писмото ја истакнува важноста од продолжување на соработката во разни области, вклучувајќи ја борбата против тероризмот, продлабочување на дијалогот во легислативата и возобновување на културната размена – објави Ренд на Твитер.

Од Кремљ потврдија дека писмото било добиено, но дека претседателот сѐ уште не бил запознаен со неговата содржина. Ренд пристигна во посета на Москва во понеделникот. Во текот на посетата тој покани руски сенатори, членови на комитетот за меѓународни работи на Горниот дом на руската Дума, да дојдат во возвратна посета на Вашингтон. Ова е втора посета на американски законодавци на Москва летово. Во посета на руската престолнина пред нешто повеќе од еден месец беше и делегација на републикански конгресмени и сенатори. Поддршката од некои републиканци за омекнување на тонот против Русија што го заговара Трамп, се случува во време кога група републиканци и демократи заговараат воведување пожестоки санкции против Русија поради наводната вмешаност на Москва во американските претседателски избори во 2016 година, и индициите дека тоа ќе се повтори и на претстојните избори за Конгресот во ноември.


Голем пад на вредноста на рубљата

Вредноста на руската национална валута рубља во однос на доларот падна на најниско ниво по 2016 година, само неколку часа откако САД најавија нови санкции поради наводната вмешаност на Москва во труењето на бившиот руски шпион и неговата ќерка во Британија. Покрај рубљата, забележан е пад на вредноста и на акциите на повеќе големи руски компании, вклучувајќи ги и „Аерофлот“, „Русал“ и Сбербанк, јави Би-би-си.