Руското Министерство за надворешни работи објави денеска дека протерало двајца вработени во холандската амбасада во Москва, пренесува РТ.
„Му кажавме на претставникот на холандската амбасада дека руската страна донесе одлука водејќи се од принципот на реципроцитет да протера од Руската Федерација двајца дипломатски службеници на холандската амбасада во Москва. Тие ќе бидат обврзани да ја напуштат руската територија во рок од две недели“, се вели во соопштението на руското Министерство.
Привремениот холандски амфасадор Јост Рајнтјес беше повикан во руското Министерство за надворешни работи во понеделникот. Министерството го изрази својот решителен протест против неоснованото протерување двајца руски дипломати од Холандија во декември.
Во декември 2020 година руската амбасада во Хаг вети дека ќе возврати откако Министерството за надворешни работи на Холандија прогласи за персона нон грата двајца вработени во руската дипломатска мисија за наводни активности некомпатибилни со нивниот дипломатски статус.