Русија ги отфрли како лажни обвинувањата дека на социјалните медиуми шири дезинформации за епидемијата на новиот коронавирус. Американски претставници претходно предупредија дека профили поврзани со Русија објавувале непотврдени информации дека САД ја предизвикале епидемијата. Според нив, илјадници профили на Твитер, Фејсбук и на Инстаграм ја ширеле оваа теорија на заговор, пренесува Би-би-си.
– Ова е намерно лажна вест – порача Марија Захарова, портпаролката на руското МНР.
Претходно, Филип Рикер, висок функционер на американскиот Стејт департмент, обвини дека злонамерни руски лица се обидувале да прошират дезинформации за потеклото на коронавирусот, од кој досега починаа над 2.000 лица, од кои најголемиот дел во Кина. Една од теориите на заговор, која била објавена на повеќе јазици на интернет, наведува дека вирусот претставува обид за водење трговска војна со Кина.
– Со ширењето дезинформации за коронавирусот, злонамерни руски лица повторно избираат да ѝ се заканат на јавната безбедност, одвлекувајќи го вниманието од глобалниот здравствен одговор – порача Рикер, кој е заменик-државен секретар за Европа и Евроазија.
Во објавите на социјалните медиуми се обвинува и основачот на „Мајкрософт“ за наводна вмешаност во епидемијата. Стејт департментот исто така предупреди дека овие лажни информации предизвикуваат сомнежи кај некои земји во Африка и Азија за напорите на Западот. Претходно, и некои руски телевизии известија дека западните елити, особено оние во САД, се виновни за ширењето на коронавирусот. Еден од главните руски телевизиски мрежи, Канал еден, дури отиде дотаму да сугерира дека западни играчи – фармацевтски компании, САД и нејзините агенции – помагале во создавањето или ширењето на вирусот или во ширењето паника за него.