Привремената блокада на Суецкиот Канал им овозможи на Русија и Кина подобро да ги промовираат своите трговски патишта и да го доведат во прашање американскиот модел на глобализација, напиша францускиот новинар специјализиран за економски теми, Франсоа Ленглет, во коментар објавен во „Фигаро“.
– Економските последици од инцидентот може да бидат безначајни, но геополитичките постојат. Веднаш по насукувањто на „Евер Гивен“, Русија предложи алтернативна рута помеѓу Истокот и Европа што е за пет илјади километри пократка од Суецкиот Канал. Кина го направи истото со поларниот Пат на свилата – вели тој.
Тој нагласува дека можноста за создавање трговски патишта и нивно контролирање отсекогаш се сметала за одлика на моќ. Новинарот потсетува дека Суецкиот Канал го граделе Европејци, вклучително и Французите. По Првата светска војна, Велика Британија била одговорна за неговата одбрана.
– Наскоро беше отстапено место на новиот светски лидер, САД, кои ги контролираа трговските патишта во текот на 20 век. Денеска американската доминација е оспорена од Кина и Русија, кои сакаат да понудат сопствен модел на глобализација, преку свои трговски патишта – заклучува Ленглет.
Низ Суецкиот Канал минува 12 отсто од светскиот товарен сообраќај, а исто така е еден од најпрометните водни премини за испорака на нафта во светот. Низ него минуваат осум проценти од бродовите кои пренесуваат течен гас. Низ каналот минуваат 19.000 бродови годишно или повеќе од 50 бродови на ден.