Бирократската тромавост и недостигот од вакцини предизвикаа зголемена фрустрација во Европа. Во меѓувреме повеќе европски земји се свртеа кон Москва и Пекинг за набавка на вакцини за своето население што, според западните медиуми, преставува удар за европската политика

Шамар во лицето на ЕУ, која сака да биде геополитички актер, се одобрувањата на некои земји-членки на Унијата да се одлучат и да се свртат кон Русија и Кина за набавка на вакцини за своето население. Овие чекори на одредени држави во еврозоната ќе бидат новото бојно поле за европската дипломатија, која по ваквите реперкусии на домашна почва поради недостигот од вакцини во блокот ќе биде новата тешка задача на Брисел за унифицирање на својата политика во наредниот период. Со овие зборови угледниот бриселски магазин „Еурактив“ ги оценува моменталната состојба во Унијата и политиките во еврозоната по хаосот и недостигот од испорака на вакцините од фармацевтските гиганти за европското население.

„Војна за вакцини“ во еврозоната

Имено, медиумот наведува дека глобалната геополитичка слика добива интересен пресврт особено кога Кина и Русија ја користат вакцината против коронавирусот за да го прошират своето влијание, додека САД, кои се борат со духовите на хаотичната пандемиска политика на Доналд Трамп, засега седат настрана од проблемот.
– Многу дипломати на ЕУ стравуваат дека одобрувањето од страна на ЕУ за руската вакцина „спутник 5“ ќе биде голема геополитичка победа за претседателот Владимир Путин, во време кога заканата од нова група санкции на ЕУ виси над Москва за труење и притворање на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални. Ова ќе претставува уште една геополитичка грешка на Брисел што се протега низ блокот како и вирусот – оценува „Еурактив“.

Вакцините извозен адут на Москва и на Пекинг

Во меѓувреме на истата тема „Гласот на Америка“ пишува дека бирократската тромавост и недостигот од вакцини предизвикуваат зголемена фрустрација на Стариот Континент, но и во светот. Унгарија планира да излезе од нарачката во согласност со прописите на ЕУ и да побара снабдување со руската вакцина „спутник“, која не е авторизирана според здравствените регулаторни тела на ЕУ. Дали регистрацијата на руската вакцина е научно или политичко решение, засега Европејците, Германија и Франција, гледаат на тоа прашање како научно, наведува медиумот, притоа оценувајќи дека Русија и Кина ја користат вакцината како „меко оружје“ за свое политичко влијание во светот.
Во исто време, угледен германски пратеник во Европскиот парламент, Петер Лизе, член на Комисијата за здравство, изрази негодување дека европските граѓани се третираат како „граѓани од втор ред“ од фармацевтската компанија со седиште во Британија, при што не исклучи и потенцијално „трговска војна“ меѓу Британија и ЕУ. Ризикот од зголемен национализам со вакцините беше истакнат и од Светската здравствена организација, при што генералниот секретар предупреди дека пристапот до вакцината ги дели државите на богати и сиромашни.

Сепак, една нова студија ѝ помогна на водечката руска вакцина против коронавирусот да се заборават критиките за нејзиното предвремено пуштање во употреба. Кон ова придонесе и фактот што многу земји се соочуваат со растечки логистички и политички предизвици за доставување вакцини. Имено, земјите во светот и ЕУ додека ги подготвуваат своите програми за вакцинирање, Русија и Кина го пополнуваат „вакуумот за вакцини“ оставен отворен од Западот, пишува РСЕ. Доцнењата во производството и убавите вести за нивните вакцини се чини дека им нудат на Русија и на Кина подобра глобална позиција.
Привремената анализа на резултатите од испитувањето во третата фаза на „спутник 5“, кои беа објавени на 2 февруари во меѓународното медицинско списание „Лансет“, откри дека вакцината е 91,6 процент ефикасна против ковид-19. Тоа е приближно споредливо со заштитата што ја даваат досега водечките вакцини од западно производство.


Мутациите на коронавирус откриени во Велика Британија, Јужна Африка и во Бразил може да бидат многу позаразни од претходните видови на вирусот. Кај сите три вида се забележани мутации во клинестиот протеин, делот од вирусот што се врзува за човечката клетка. Како резултат на тоа, овие видови побрзо се шират меѓу луѓето и ги инфицираат човечките клетки, како што пишува „Би-би-си“.
Сепак, не постојат докази дека некој од нив предизвикува потешки форми на болеста кај повеќето заразени. Што се однесува до оригиналниот вид, ризикот е најголем за постари лица или лица со хронични болести. Превентивните мерки, како миењето на рацете, одржувањето физичка дистанца и покривањето на носот и устата, сè уште се добра одбрана од инфекција, а со тоа што многу побрзо се шират новите мутации на коронавирусот, од клучна важност е сите да се внимателни, порачаа од „Би-би-си“.