Наскоро во Русија на сила ќе стапи нов закон, кој ги изненади пушачите.
Поточно, како што пренесе Би-би-си, владата објави нов закон со кој ќе се забрани пушењето на цигари по балконите на станбените згради.
Според овој нов закон, отворен оган е забранет на балкони од становите, но и во местата за дружење и интеракција во хотелите и хостелите.
Според таквата логика, огнот од запалки, чкорчиња, како и запалени цигари спаѓа во класификацијата на отворен оган.
Но, тоа не е сè, исто така ќе биде забрането, на пример, пржење ќебапи и палење свеќи по балконите.
Би-би-си додава дека кога законот бил штотуку објавен, имало забуна околу тоа дали пушењето ќе биде забрането или не, но ресорниот министер подоцна потврдил дека новиот закон забранува цигари на балконите.
Секој што ќе го прекрши ова правило, се соочува со казна од 42 евра.
Законот стапува на сила од 1. октомври и носи големи промени, пренесува британскиот јавен сервис.
Руските градови главно се состојат од високи згради со балкони, а од друга страна нема многу луѓе кои се подготвени да се облечат и да слезат пред зграда за да запалат цигара.
Русите на социјалните мрежи прашуваат која е воопшто целта на балконот, ако на него не може да се пуши.
– Забраната за луѓето да пушат на нивните балкони е глупост. Владата штотуку им забрани на граѓаните да го користат својот имот – напиша еден Русин во „твит“ што стана многу популарен.
Властите пак ја правдаат одлуката со образложение дека во земјата се доста чести пожарите од невнимание. Во пролетта 2018 година, повеќе од 60 луѓе загинаа во пожар во трговски центар во Кемерово во Сибир, меѓу кои имаше и голем број на деца.