Родителите кои со децата нелегално ќе ја преминат границата меѓу Мексико и САД, засега нема да бидат кривично гонети, и покрај ветувањата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе продолжи со политиката на „нулта толеранција” за илегалната имиграција, изјави шефот на Агенцијата на САД за царина и заштита на границите Кевин Мекалин.
Тој изјави дека агенти задолжени за контрола на границите нема да ги предадат родителите да бидат кривично гонети, а Владата на САД ќе анализира како да бидат кривично гонети, без да бидат одделени од нивните деца.
Според Њујорк тајмс тоа би можело да значи враќање на политиката „приведи и ослободи”, на која се спротистави Трамп, бидејќи владата нема доволно места во центрите за притвор.
Минатата недела Трамп потпиша извршна уредба со која на имигрантски семејства кои илегално ќе ја преминат јужната граница на САД им се овозможува да останат заедно додека чекаат исход од имиграциската постапка.
Тој, сепак, истакна дека ќе ја продолжи политиката на „нулта толеранција”, која подразбира кривично гонење возрасни, кои се фатени како ја минуваат границата илегално.