Нови технологии во справувањето со пандемијата
На аеродромот „Хитроу“ во Велика Британија неодамна беа поставени роботи за дезинфекција на просторот, каде што со помош на ултравиолетова светлина ќе се намалува ризикот од пренесување на коронавирусот. Како што јавија западните агенции, роботите што го дезинфицираат просторот со ултравиолетова (УВ) светлина во скора иднина, меѓу другото, ќе се воведат и во болниците, хотелите, канцелариите, спортските сали и другите аеродроми низ светот. Данската фирма „УВД роботикс“ е првата што ја воведе ваквата технологија на пазарот со својот робот за дезинфекција вреден речиси 70.000 долари, кој е автономен уред на тркала што хигиеничарите можат да го испраќаат во просториите со помош на апликација преку паметен телефон и дополнително да му даваат команди за да го стерилизира просторот со вертикалниот столб со УВ-светлина.
Како што пренесуваат новинските агенции, ултравиолетовата светлина е вид електромагнетно зрачење невидливо за човечкото око. Нејзин подвид е ултравиолетово зрачење со кратки бранови (УВЦ), кое ги уништува сите бактерии и вируси како ковид-19 со уништување на нивната ДНК. УВЦ-зрачењето е штетно за луѓето и за животните бидејќи ги оштетува кожата и видот. Во таа насока за безбедно работење, роботите, според компаниите произведувачи, ќе се користат ноќе или во простории каде што нема луѓе.
Слично на ова, неодамна финската фирма за лифтови „Коне“ стави во употреба токму УВ-светлина за дезинфекција на подвижните скали и на оградата. Како што информира компанијата, УВ-светлината е поставена во подот од лифтот и додека се движи подвижната ограда на лифтот, светлината ја стерилизира гумата пред повторно да можат луѓето да ја користат.
Ваквите иновации не се евтини, но се радикални нови технологии, кои ќе стануваат сè понеопходни во справувањето со пандемијата.