Сто најголеми компании во светот за производство на оружје и понудувачи на воени услуги минатата година го зголемиле својот профит речиси за пет отсто. Вкупниот промет на оваа индустрија за минатата година изнесувала 420 милијарди долари, што е 4,6 отсто повеќе споредено со претходната година. Ова, меѓу другото, се наведува во последниот извештај на Меѓународниот институт за мировни истражувања во Стокхолм (СИПРИ). Според истражувањето на институтот, светското производство на оружје бележи константен раст и споредено со 2002 година денеска тоа е зголемено за неверојатни 47 отсто. Во исто време, како што наведува СИПРИ, засега Американците доминираат во производството, рускиот профит малку се намалил, додека за Кина нема доволно податоци на оваа тема.

– Американските фирми остварија највисок приход од сите производители на оружје. Приходите на сите 43 американски фирми, кои се наоѓаат на листата, изнесуваат 246 милијарди долари што претставува удел од 58,5 отсто од вкупната продажба на оружје на првите 100 компании во светот. Само корпорацијата „Локхид Мартин“ минатата година има остварен приход од 47,26 милијарди долари со што оваа корпорација ја носи титулата на најголем светски производител на оружје со удел од 11 отсто од вкупната светска продажба и остварен приход – се наведува во анализата на СИПРИ.
Меѓу широкиот асортиман на оружја што го произведува корпорацијата „Локхид Мартин“ спаѓа и продажбата на борбениот авион „ф-35 лајтнинг 2“, кој чини 82,4 милиони долари.

Од друга страна, во извештајот на институтот се наведува дека и европските компании, исто така, бележат мал раст на продажбата од 0,7 отсто, продавајќи оружје и воени услуги за 102 милијарди долари.

– Прометот на руските компании е намален за 0,4 отсто. Вкупно во тековната година тој изнесувал 36,3 милијарди долари. Од 2009 година уделот на руските компании во производството на оружје континуирано се зголемува, а причина за тоа е, пред сѐ, зголемувањето на руските инвестиции во производството на оружје поврзано со примената на големиот план за воената модернизација во период меѓу 2011 и 2020 година – наведува СИПРИ.


Во Македонија актуелен случајот „АТС груп“

Во меѓувреме додека светските институти бележат големи заработки на државите од воено-наменската индустрија се добива впечаток дека состојбите не се исти во Македонија. Кај нас оваа индустриска гранка е нископрофитабилна и воопшто не личи на светските примери.
Сепак, во каква состојба се наоѓа македонската воено-наменска индустрија и колку е профитабилен овој економски сектор, од кој многу држави од соседството и од светот добро заработуваат, беа неодамнешните дилеми што ги актуализираше и аферата во оваа индустриска гранка, која се отвори во соседна Србија, а во која беше инволвиран и македонскиот државјанин Шевшет Демировски, сопственик на фирмата „АТС груп“ во Македонија. Во таа насока побаравме одговор од македонските, но и од српските институции до каде е случајот, но и што се случува со постапката и каков ќе биде епилогот на инволвираните. Од македонското МНР ни соопштија дека навремено била известена Амбасадата на Република Северна Македонија во Белград за случајот и дека истовремено биле известени и преостанатите надлежни служби, како и семејството на македонскиот државјанин. Слично на домашните институции, и српското јавно обвинителство во корелација со тамошното МНР веднаш ни одговори дека постапката сѐ уште е во тек и дека лицата веќе се сослушани и се чека нивно понатамошно процесирање. Ирена Бјелош, портпаролка на српското јавно обвинителство, во изјава за „Нова Македонија“ вели дека македонскиот државјанин Шефшет Демировски моментално е пуштен на слобода, но има забрана од српските институции да ја напушти Србија.
– Постапката за случајот наречен „Први партизан“ е во тек. Лицата за кои се води истражното дејство се сослушани, но поради актуелност на постапката не смееме да изнесуваме други податоци за да не му наштетиме на процесот. Во исто време сакам да истакнам дека осомничениот македонски државјанин на почетокот од случајот беше во притвор, но подоцна тој со гаранција е пуштен да се брани од слобода. Сепак, осомничениот не смее да ја напушти Србија – вели портпаролката на српското обвинителство.
Од српското ЈО ни соопштија дека обвинителство на Србија веќе испратило замолница до српското министерство за правда да се информираат институциите во Македонија дека против нивен државјанин е отворена истражна постапка.

[email protected]