Талибанците го остварија својот децениски сон и повторно го заземаа Кабул. Тие влегоа во претседателската палата без отпор, а нивното знаме беше кренато на покривот од претседателската палата. Но, по нивната победа, талибанците сега се справуваат со нов предизвик – преобразба на нивната милитантна група во очите на светот, од радикална милиција, во одговорна владејачка сила која ќе биде задолжена да управува со Авганистан, пренесува „Њузвик“.
Првичните докази за овој напор можат да се забележат во своевидната толеранција од страна на групата кон масовното напуштање на државата од страна на илјадници Авганистанци, од кои дел ги ризикуваа животите држејќи се припиени на надворешноста на американските воени авиони што заминуваа, наместо да живеат под талибанската власт.
– Ваквите гаранции за безбедност и безбедно напуштање на земјата се стратешка кампања и порака до западните сили и Обединетите нации, а не за домашната публика која многу добро ги знае фундаменталистичките амбиции на групата – изјави претставник на Пентагон.
Талибанците ветија дека ќе се залагаат за обновување на Исламскиот емират на Авганистан – името што тие го дадоа на нивниот режим воспоставен во 1990-тите, кој беше симнат од власт од страна на САД во 2001 година, по нападите на 11 септември.
– Војната е завршена. Талибанците не сакаат да живеат во изолација – изјави Мохамад Наим, портпарол на политичката канцеларија на талибанците во Доха и повика на мирни односи со меѓународната заедница.
Талибанската кампања за односи со јавноста, всушност, веќе трае извесно време. Не само што остроумниот дипломатски пристап им помогна на талибанците да обезбедат преговори што резултираа со значаен мировен договор и евентуално повлекување на САД од Авганистан, но, исто така, тие преговараа и со други регионални непријатели, како што се Русија и Иран, и успеаја да го надминат своето историско непријателство.
– Ги уверуваме сите дипломати, амбасадори и конзулати, како и добротворните организации, национални и интернационални, дека нема да има било каков проблем од нашата страна, а ние ќе се залагаме да создадеме безбедна средина – изјави портпаролот на талибанците Сухаил Шахинво.
Но, нема меѓународно признавање за Исламскиот емират на Авганистан. Западот се соочува со дилема и не сака финансиски да ја поддржи талибанската влада, но некои влади, пак, се надеваат дека ќе ја употребат нивната понудена помош за земјата како основа за да предизвикаат разумен однос од новите владетели.
Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, исто така е неодлучен во врска со Исламскиот Емират на Авганистан. Од една страна, тој повика на обединета опозиција во борбата против тероризмот од Авганистан, а од друга страна навести дека може да дојде до признавање доколку талибанците ги исполнат условите околу тероризмот, гарантирањето на човековите права и уште некои барања од Западот.