Германија

Германската специјална полиција направи претреси во неколку објекти во германската покраина Саксонија, во рамките на истрагата за планот за убиство на премиерот на оваа покраина, Михаел Кречмер. Како што пренесуваат медиумите, неговата егзекуција била планирана од страна на антиваксери.
Од она што е достапно од објавените информации, рациите во Дрезден биле насочени кон поединци, членови на групата „Дрезден офлајн мрежа“, која ја користела апликацијата Телеграм за размена на пораки за плановите за убиство, соопшти тамошната полиција. Претресите биле извршени по изјавите на членовите на групата на Телеграм, кои укажувале дека можеби поседуваат оружје.
Во меѓувреме, во Саксонија, која има втора највисока стапка на инфекција со коронавирус во Германија и најниска стапка на вакцинација, во последните недели се одржаа неколку протести предводени од противниците на рестриктивните мерки. Портпаролот на Покраинската криминалистичка служба, Том Бернхард, изјави дека деновиве се вршат претреси на осомничените во рамките на истрагата против лица што се осомничени за тешко кривично дело подготовка за загрозување на државата.
Предмет на полициската акција се пет лица, една жена (34) и четворица мажи на возраст од 32 до 64 години од Дрезден. Државното обвинителство во Дрезден веднаш започна истрага, а премиерот Кречмер, кој бил главна цел на планираниот напад, истакна дека против таквите лица мора да се преземат сите правни средства, за да можат носителите на јавни функции без страв да работат и да го кажат своето мислење. Инаку, политичарите во Саксонија веќе долго време се цел на активностите на екстремните десничари и антиваксерите.

Подготвил: Дејан Србиновски