Бројот на загинати во силниот земјотрес што во неделата го погоди индонезискиот остров Ломбок порасна на 227, изјави Нијоман Сидекарј, директор на провинциската Агенција за помош одговорна за Ломбок.
Локалните власти соопштија дека 156.000 луѓе се раселени поради големите оштетувања на имотите. Властите очекуваат дека бројот на загинати ќе продолжи да расте, бидејќи итните служби продолжуваат понатаму со расчистување на урнатините со помош на багери.
Земјотресот со јачина 6,9 степени по Рихтеровата скала го погоди Ломбок во неделата вечер, една недела по првиот земјотрес, во кој загинаа најмалку 17 лица. Ломбок вчера го погоди и трет земјотрес, со магнитуда 6,2, предизвикувајќи вознемиреност и оштетувања на градежните објекти.