ЕУ се соочува со економски пад, војна на валутите и со политичка криза во Италија
Фајненшел тајмс
Урсула фон дер Лејен, новоизбраната претседателка на Европската комисија, вети дека ќе иницира конференција за иднината на Европа почнувајќи од следното лето. Ќе се дискутира за гласачките права на земјите-членки, проширувањето во иднина и транснационалните листи за избори во Европскиот парламент, но би требало да има и маргинална дискусија за еврозоната.
ЕУ со сигурност нема да се соочи со демоните од изминатите 10 години и да размисли за грешките што би значело дека првенствено мора да ги прифати. Неколкумина политичари во северна Европа и во европските институции сметаат дека решавањето на кризата во еврозоната е најголемиот триумф во ЕУ.
Но надвор од овие политички кругови, перспективата е многу поинаква. ЕУ дури неодамна излезе од децениската криза, а сега се соочува со економски пад, војна на валутите во светот, технолошки шок во автомобилската индустрија, големи шанси за брегзит без договор и криза во италијанската влада.
Каматните стапки се на најниско ниво, фискалната политика е оптоварена од законите, се наѕира целосна конфронтација меѓу Италија и ЕУ по есенските избори, а особено реална е заканата од појава на паралелна италијанска валута.
ЕУ ризикува да се најде во магичен круг во текот на наредниот економски пад или финансиска криза. На тој начин логично би било за гласачите и политичките партии да се свртат кон националните алтернативи, наместо европската интеграција. Најидеалниот монетарен систем за еврозоната е монетарна унија која одлично ќе функционира, која ќе располага со силен фискален капацитет, со овластувања за даноци и трошоци, како и заеднички должнички инструмент. Но нереформираната еврозона не е второ најдобро решение. Европската интеграција е најдобриот избор доколку дава резултати.
Дали поради ваквиот измешан редослед на приоритети се прави категоризација на проинтеграциски, анти-интеграциски настроени или, такви кои не припаѓаат во ниедна категорија? Со години на долго и на широко се анализира поделбата меѓу овие две категории. По катастрофалното искуство со строгите мерки на штедење во јужна Европа, економскиот аргумент за интеграција е послаб. Политиките кои во принцип даваат слаби економски резултати со право ќе се соочуваат со тешкотии да добијат поддршка.
Но оние што размислуваат да тргнат во друга насока ќе треба да си постават најмалку две прашања: во кој момент ќе сфатат дека долговетуваните реформи во еврозоната нема да се случат и како да се оцени спротивното сценарио? Дали економиите под притисок ќе покажат подобри резултати надвор од ЕУ? Дали последователните италијански влади, доколку би биле ослободени од бремето на европските фискални закони, ќе забележат поголем раст и намалување на невработеноста?
Ако Италија ги избегнеше екстремните мерки на штедење под власта на Марио Монти меѓу 2011 и 2013 година, денешната состојба ќе беше многу поинаква. Ултра-десничарската Лига и Движењето на пет ѕвезди немаше да победат на ланските избори и да формираат коалиција, а Матео Салвини, лидерот на Лигата, немаше да биде на раб да приграби апсолутна моќ.
Смртната опасност по ЕУ се наоѓа во појавата на рационалниот, неидеолошки случај против европската интеграција. Сите членки на ЕУ мора да ја поделат вината за создавање на истиот.
Фискалните закони и пактот за стабилност и раст се смртен непријател на еврозоната. Пактот два пати беше реформиран, првиот пат во 2005, а вториот пат во 2011 година, додека денешната Европска комисија го направи пофлексибилен. Но без разлика на тоа колку се менуваат законите и процедурите, тие ја зголемуваат внатрешната поделба, ги одвраќаат инвестициите и дејствуваат периодично за време на економскиот пад.
Како во случајот со брегзит, првичните трошоци за излез од еврозоната ќе бидат многу големи, а можеби и над процените. Но за разлика од брегзит, може да има позитивен исход ако земјите-членки изготвеа подобра рамка за фискална политика.
Со напуштање на еврозоната, државата повеќе нема да има обврска да го почитува дефицитот од три отсто од БДП според Мастришкиот договор. Така ќе може да воведе правила за одржливи инвестиции и да создаде фискален стимул во текот на економскиот пад. Централната банка би можела да постави двојна цел слична на онаа на американската централна банка за стабилизација на цените и на работните места. Нема да постојат правни пречки за набавка на средства и забрана на финансиска помош. Ова сигурно е привлечен предлог за Салвини кој воопшто не е наивен.
Кога ЕУ не го остварува ветеното, аргументите за или против понатамошна или тековна интеграција стануваат поурамнотежени. Конференцијата на Фон дер Лејен за иднината на ЕУ треба, како нејзина највисока цел, треба да покаже дека повеќе не важат аргументите врз база на корист против европската интеграција. Се разбира дека нема да се постапи на овој начин. Вистинската закана по европската интеграција не потекнува од Салвини, туку од гласачите во ЕУ кои, како Џон Мејнард Кејнс, но не и самата Унија, ги менуваат мислењата истовремено со менување на фактите.
Подготвила: Билјана Здравковска