Важно е да се разбере дека без разлика кој е на власт во Пјонгјанг, рамнотежата на моќта останува стабилна – САД имаат значително поголема конвенционална и нуклеарна доминација во однос на Северна Кореја. Дури и нејзините соседи се значително помоќни од неа. Северна Кореја нема да се смени без разлика кој ја води државата, пишува „Нешнл интерест“ по повод гласините за влошената здравствена состојба на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун.
Кога Ким Ил-сунг почина во 1994 година и кога Ким Јонг-ил почина во 2011 година, двајцата имаа подготвени наследници. Сега, не постои познат наследник. Но, без разлика, постои силно поврзана, моќна група на искусни функционери кои апсолутно потполно се посветени на режимот на семејството Ким, и кои ќе продолжат да спроведуваат контрола.
Лидерите, бирократскиот и административен систем ќе останат и ќе продолжат да функционираат без промени во догледно време. Потенцијалните долгорочни наследници ја вклучуваат сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Јо-јонг и неговиот брат Ким Јонг-чул. Не постои веројатност дека ќе дојде до насилна борба за власт, и покрај сугестиите на одредени познавачи на состојбата.
Набргу по доаѓањето на Ким Јонг-ун на власт во 2011 година, тој направи „чистка“ на сите функционери за кои се плашеше дека би можеле да го загрозат или оспорат неговиот авторитет. Тој нареди ликвидација на повеќемина од неговото водство, вклучувајќи ги неговиот вујко и постар брат. Клучните функционери кои ги постави или ги задржа прикажаа потполна лојалност кон семејството на Ким и затоа не постојат јавно познати закани за Ким или неговиот режим.
Севернокорејците се подложни на култот на личноста кој почна да се негува по завршувањето на Втората светска војна се до денес. Затоа малку веројатно е дека генерал или друг моќник би ја преземал власта, а секој што не е од семејството Ким тешко би ја стекнал поддршката на народот.
Транзицијата на моќта би била спроведена во рамките на владејачката елита во Пјонгјанг. Јужна Кореја веројатно ќе го зголеми нивото на безбедност и внимателно ќе ги следи настаните. Но, исто како и другите држави Јужна Кореја ќе работи на воспоставување на дипломатски односи со новиот севернокорејски лидер, со цел да продолжи да ги одржува мирните односи.
САД требаат да ја препознаат сопствената доминантна позиција и да бидат насочени кон сопствените интереси, сигнализирајчи дека немаат намера за користење на воена сила без повод, или пак, да ја искористат приликата за промена на режимот. Америка треба да ја нагласи волјата за нормализирање на односите и за продолжување на преговорите за ограничување на програмата за вооружување на Северна Кореја, што би довело кон мир и декнуклеаризација, се заклучува во анализата на „Нешнл интерест“.