Либиската национална армија (ЛНА) на Халифа Хафтар соопшти дека ќе прекине со огнот за време на светиот месец на рамазан. Но пријателите на генералот велат дека Хафтар ги засилува активностите во граѓанската војна која, всушност, тој ја почна пред шест години, пишува „Економист“.
Неговата едногодишна опсада врз Триполи, седиштето на меѓународно признаената влада (ГНА) се интензивираше од неодамна. Групите лојални кон него се плеткаа со снабдувањето на струја и вода за главниот град на Либија. А проектилите на ЛНА погодија болници.
– Тешко е да се верува дека ова не се случува намерно – вели еден дипломат.
На истокот генералот Хафтар се обидува да ја консолидира моќта. Во понеделникот тој прогласи „популарен мандат“ за неговата ЛНА и го стави регионот под воено владеење.
Овие потези не можат да го сокријат фактот дека за првпат по подолго време генералот Хафтар е во подредена положба. Милициите во сојузништво со ГНА, со поддршка на Турција, вратија контрола во повеќе градови поврзувајќи го Триполи со туниската граница. Тие ја потиснаа ЛНА во воздушната база „Ал-Ватија“, нејзиниот оперативен штаб, и ја држат под опсада Тархуна, која претставува едно од најсилните упоришта на ЛНА. Губењето на овие позиции може да ја осуди на пропаст воената кампања на Хафтар и да доведе до поделба на Либија.
До неодамна Хафтар имаше предност, благодарение на тајната поддршка од Египет, Франција, Русија и Обединетите Арапски Емирати. Но, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го оспорува нивното влијание. Во ноември, тој потпиша пакт со либискиот премиер Фајез ал Сараж, обврзувајќи се да го брани Триполи во замена за правата на вадење гас од либиските води. Оттогаш турската армија и разузнавачки служби, како и 4.000 борци од деловите на Сирија под турска контрола, го сменија текот на војната во Либија. Турските дронови, пак, вршат удари врз синџирите на снабдување на армијата на Хафтар.
Повеќето од двата милиони луѓе на истокот на Либија иако желни за поголема автономија, негодуваат поради високата цена на војната. ЛНА троши една третина од буџетот на истокот, а околу 7.000 нејзини борци ги загубија животите.
Сепак, мала е веројатноста дека одметнатиот генерал ќе претрпи „нокаут“. Милициите што ја подржуваат ГНА се разединети и недисциплинирани за да извршат долгорочна воена кампања.
Во меѓувреме водечкиот човек на мисијата на Обединетите нации во Либија отстапи во март. Неговиот наследник уште не е именуван, а тоа ќе биде четвртиот вршител на функцијата уште од 2014 година. Обидите за „составување“ на Либија се тешка задача.