Познатиот форензички психолог Стивен Пит (59) беше застрелан пред неговата канцеларија, среде бел ден, во четвртокот. Велерија Шарп (48) и Лора Андерсон (49) беа застрелани во адвокатската канцеларија во која работат, следниот ден. Потоа и психологот Маршал Левин (72) беше пронајден убиен во неговата канцеларија. Убиствата се случија во рок од два дена, во Скотсдејл, предградието на Феникс во американската сојузна држава Аризона.
Серијата убиства покрена прашања за мотивот и за поврзаноста помеѓу жртвите, со што полицијата сметаше дека Пит веројатно е убиен поради неговата професија, односно неговото учество во криминалните истраги. Пит беше познат по работата на случајот за смртта на Џонбене Ремзи, шестгодишната учесничка на детски избори за убавина, која беше пронајдена мртва во нејзиниот дом во Болдер, Колорадо, во 1996 година. Станува збор за еден од најпознатите нерешени криминални случаи во САД.
Но, се испостави дека причина за убиствениот бран претставувал разводот на осомничениот Двајт Ламон Џонс (56), кој си го одзема животот, откако вчера се застрела, според информациите од полицијата, пренесува „Вашингтон пост“. Убиецот бил гневен на жртвите поради нивната улога во неговиот развод. Единствено Левин не бил поврзан со разводната постапка, но тој ја делел канцеларијата со колега што синот на Џонс го посетувал, според судска наредба. Извесно е оти Левин не бил цел на убиецот, туку страдал поради несреќните околности. Истражителите веруваат дека во серијата убиства страдаа уште две лица, во нивниот дом во Фаунтн Хилс, иако не можат да ги поврзат со разводот на Џонс.
Полицијата успеала да го открие Џонс преку доказите од местата на злосторствата, односно по извршената ДНК-анализа, по што почнале да го следат. Во акцијата, тој бил забележан како се ослободува од пиштол, со кој не биле починети убиствата, но кој припаѓал на една од жртвите. Полицијата го следела осомничениот до хотелот каде што престојувал во Скотсдејл, по што тој почнал да пука во единиците кои биле распоредени околу хотелот, за тие подоцна да го пронајдат застрелан во неговата соба. Припадниците на законот не возвратиле на огнот, со што е извесно дека Џонс се застрелал самиот.