Анализа на Ник Патон Волш

Си-ен-ен

Што ќе стане со поборникот за промени, кој всушност самиот не се промени? Ова е прашањето што го мачи Хуан Гваидо, кој ја започна новата светска турнеја, што е малку непријатно согледување за речиси успешното патешествие што го оствари лани во февруари, само неколку недели откако се самопрогласи за привремен претседател на Венецуела.

Тогаш ја избегна патната забрана и замина во Колумбија на рок-концерт во организација на британскиот милијардер Ричард Бренсон. Оствари средби со неговите колеги од цела Јужна Америка пред храбро да се врати назад во својата татковина, збунувајќи ги неговите противници со тоа што се провлече на главниот аеродром во Каракас, во комерцијален лет пред очите на сите. Во сопствената приказна, беше ѕвезда во брз подем, поддржан од администрацијата на Трамп и од соседите на Венецуела, единствениот легитимен лидер на неговата држава, додека Николас Мадуро беше готов.

Оваа недела повторно треба да отпатува во странство, но неговата ѕвездена моќ, привлечност и надеж речиси исчезнаа. Гваидо се сретна со американскиот државен секретар Мајк Помпео на конференцијата за борба против наркотици во понеделникот во Колумбија, пред да замине за Европа каде што веројатно ќе пропушти да се сретне со претседателот Доналд Трамп ако задоцни во Давос, Швајцарија.

Промената најверојатно нема да се случи по враќањето на Гваидо, а неговите странски патувања повеќе се еден обид да се врати во живот на меѓународната сцена, отколку шанса за добивање странски капитал за да ја спаси неговата привремена претседателска функција. Какви промени се случија, ако Гваидо не направи ништо?

Прво беше Трамп. Иако поддршката за подемот на Гваидо беше тивкиот и неизбежен колапс на Венецуела, сепак, искра претставуваше убедувањето на Белата куќа дека ќе оствари лесна победа. Отпуштениот американски советник за национална безбедност Џон Болтон кој му рече на Мадуро дека треба да си одбере во која куќа покрај море ќе се пензионира, сега самиот ги пишува своите скандалозни мемоари во некоја куќа на плажа. Советниците на Трамп сè уште се залагаат за санкции, но Венецуела сега ретко ја споменуваат. Освен ако Трамп не ја обнови кампањата да го избрка Мадуро од власта за да си ги зголеми шансите за реизбор, можеби на Флорида, мали се шансите за ова да се оствари. Со оглед на тоа колку е цврста владата на Мадуро, САД можеби ќе требаат да размислат за употреба на сила.

Второ, Гваидо не успеа во своите намери. Неговиот тим беше нов во безмилосната политика и заслепен од ненадејниот подем преку ноќ, така што на моменти се покажуваше неверојатно вешт, но имаше моменти кога покажуваше силна наивност. Неговиот неуспешен обид да го собори Мадуро од власта на 30 април беше одлучувачки момент кога Гваидо и неговите силни поддржувачи, вклучувајќи ги дури и војниците на улиците на главниот град, кои носеа сини флорови како симбол, не успеаја да ја направат големата промена. Гваидо не успеа токму во едното нешто што тој сакаше да го промени од корен, а тоа беа безбедносните сили во чии раце се оружјето, дрогата, парите и границите.

Ова води до третата промена, а тоа е самиот Мадуро. Тој беше практичен, но истовремено и безмилосен. Во едно скорашно интервју за „Вашингтон пост“ тој понуди да започне директни преговори со администрацијата на Трамп, дури и за деловни можности за американските нафтени гиганти. Нудењето деловни зделки на Трамп додека Белата куќа има полни раце работа, наместо да се актуализираат санкциите, се граничи со лудило и не е лесен чекор, освен ако не сте прилично убедливи.

Мадуро исто така стана пожесток. Ако пред една година безбедносните сили се случуваше да не употребат сила, и можеби стравуваа дека ќе го навлечат гневот на народот ако пролеат венецуелска крв, сега состојбата е сосема поинаква. Масовен бран на тортура беше забележан од страна на борците за човекови права, чија цел беше да се отстрани нелојалноста кај војската. Кубанските оперативци тврдат дека, наводно, во затворите се случуваат систематско насилство и силувања. Граѓански противници беа егзекутирани од страна на специјалните полициски единици, како што велат борците за човекови права и ООН. Владата на Мадуро ги отфрли ваквите тврдења.

Дури и опозициските колеги на Гваидо, заедно со новинарите и набљудувачите, беа физички нападнати надвор од Националното собрание овој месец од страна на лојалистите на Мадуро. Отсекогаш имало насилство, но тортурата стана систематска, а целите се проширија насекаде.

Мадуро исто така беше доволно паметен за да спроведе мали реформи. Каракас, кој е центар на моќта, зачудувачки е мирен. Според неофицијални извори таму е дозволено да се купува со долари, со тоа што се реши еден проблем покрај протестите и се намали влијанието на хиперинфлацијата врз боливарот. Ако имате долари, тогаш имате за храна, дури и ако е слаба безбедноста во градот. Руралните области се целосно уназадени, каде што единственото средство е трговската размена, а храната ја има сè помалку. Но ако главниот град успева вака да функционира, тогаш Мадуро нема да има проблем да ја зацврсти моќта.

Очигледна е вмешаноста на Москва во некои од овие избори. Малите економски реформи и бруталноста се како по учебник од Кремљ. Руската државна нафтена компанија „Роснефт“ исто така е обвинета дека тргувала со венецуелска нафта со Индија и Кина за да ги заобиколи санкциите. (Русија и нејзините компании негираа секакви прекршоци или вклученост во договори што наводно ги повредуваат меѓународните закони.) Иако настојувањата на Белата куќа за револуција наложуваат резултати преку ноќ, Москва заедно со своите сојузници трпеливо ја чека својата шанса во вистинско време.

Сепак ниеден од неуспесите на Гваидо не ја менува актуелната криза во срцето на Венецуела, односно корупцијата и лошото владеење и ден денес ја уништуваат државата со тоа што стотици илјадници лица пребегаа во соседните држави. Ова беше само уште еден подем и пад на еден опозициски лидер.

Гваидо можеби има уште шанси. Новата страст на Мадуро за жестока тактика може да резултира со апсење на неговиот ривал. Ова може да поттикне внатрешен гнев или значајна надворешна акција. Воените дезертери во прогон можат да соберат доволна надворешна поддршка за да предизвикаат некаква промена. Администрацијата на Трамп можеби има план Б.

Но најстрашната забелешка е што една година откако Гваидо се обрати пред толпата од илјадници поддржувачи во Каракас и се самопрогласи за легитимен претседател на целата нација, е токму лесниот начин на кој Мадуро се спаси од кризата.

Превод: Билјана Здравковска