Боб Вудворд, новинарот на „Вашингтон пост“, кој ја откри аферата „Вотергејт“, по која тогашниот претседател Никсон поднесе оставка, опишува како најблиските соработници организираат „административен пуч“ против Трамп, криејќи му договори за да не ги потпише и да не предизвика поголема штета
Новата книга „Страв“ на познатиот американски истражувачки новинар Боб Вудворд открива „нервен слом“ на администрацијата на претседателот Доналд Трамп. Новинарот што своевремено ја откри аферата „Вотергејт“, по која тогашниот претседател Ричард Никсон поднесе оставка, опишува како најблиските соработници организираат „административен пуч“ против Трамп, криејќи му писма и договори за да не ги потпише и да не предизвика поголема штета. Вудворд обелоденува и дека Трамп сакал да го ликвидира сирискиот претседател Башар ал Асад, како и дека планирал превентивен напад против Северна Кореја.
Во книгата, меѓу другото, се наведува и дека адвокатите го предупредувале Трамп дека може да заврши во затвор за лажно сведочење. Така, бившиот личен адвокат на Трамп, Џон Дауд, бил убеден дека претседателот на САД лажно ќе сведочи ако зборува со специјалниот обвинител Роберт Милер, кој ги истражува можните врски меѓу Русија и кампањата на Трамп. Според новинарот, Дауд на 27 јануари во Белата куќа организирал испрашување за да му докаже на претседателот на САД дека е во право. Тој го опсипал Трамп со прашања за истрагата за Русија, а овој давал противречни изјави, па лажел и конечно го загубил трпението и извикал дека сето тоа било „проклета измама“, по што продолжил да вика 30 минути и на крајот рекол дека не сака да сведочи.
Вудворд вели дека неговата книга „Страв“ е заснована на стотици часови длабински интервјуа со претставници на администрацијата, кои директно учествувале или сведочеле на опишаните настани. Toj зборува за неконтролиран гнев и параноја на Трамп за руската истрага, која честопати ја парализирала Белата куќа. Новинарот се обидел да го интервјуира Трамп, но тој го одбил велејќи дека тоа е „лоша книга“. Името на книгата произлегува од забелешка на Трамп во едно интервју со Вудворд во 2016 година, во кое тој рекол: „Вистинската моќ значи, дури не сакам ни да го кажам зборот, страв“.
Како што посочува „Вашингтон пост“, централна тема на книгата е начинот на кој луѓето од најтесниот круг на Трамп се обидуваат да ги контролираат импулсите на претседателот и да спречат катастрофи и лично за него и општо за нацијата што ја предводи. Вудворд опишува „нервен слом“ и „административен пуч“ на извршната власт во САД, каде што високи функционери и соработници му криеле документи на Трамп од претседателското биро за да не ги види и потпише со цел да ги ублажат евентуалните штети.
Новинарот посочува дека тимот за национална безбедност на Трамп постојано се шокирал колку претседателот немал познавања за светските случувања и за улогата на армијата и на разузнавачките служби на САД. На средба на Советот за национална безбедност на 19 јануари, Трамп прашувал зошто САД морале да одржуваат толкаво воено и разузнавачко присуство на Корејскиот Полуостров, на што секретарот за одбрана Џим Матис му одговорил: „За да спречиме Трета светска војна“. По средбата, Матис рекол дека Трамп се однесувал како да има знаење на петто или шестоодделенец.
Вудворд опишува напната атмосфера во Белата куќа, во која Трамп секојдневно ги навредувал и највисоките функционери, а тие му се потсмевале или се нервирале зашто не можеле да најдат разбирање. Шефот на кабинетот Џон Кели често избувнувал и велел дека претседателот е „неконтролиран“.
– Тој е идиот. Нема поента да се обидуваш да го убедиш нешто. Како да сме во лудница. Не знам зошто сме тука. Ова ми е најлошата работа досега – рекол тој.
Претходникот на Кели, Рајнс Прибус, исто така се нервирал зашто не можел ништо да го убеди претседателот. Вудворд пишува дека Прибус ја нарекол спалната соба на претседателот „работилница на ѓаволот“, бидејќи Трамп во неа опсесивно гледал телевизија и твитал уште во раните утрински часови. Трамп, пак, имал лошо мислење за Прибус и рекол дека бил како глушец што постојано талкал наоколу, а на соработниците им рекол да го игнорираат. Според Вудворд, малкумина во кругот на претседателот биле заштитени од неговите навреди. Цел на напади бил и јавниот обвинител и секретар за правда Џеф Сешнс, кого Трамп го нарекол „предавник“, зашто се иззел од руската истрага.
– Човекот е ментално ретардиран. Тој е глупав јужњак. Не може да биде ниту адвокат во Алабама – наводно рекол Трамп за Сешнс.
Бидејќи не можеле да ја контролираат импулсивноста на претседателот, највисоките соработници на Трамп решиле да дејствуваат дискретно. Вудворд опишува алијанса меѓу соработниците што се обидувале да ги спречат опасните реакции на Трамп, а меѓу нив биле и Матис и бившиот економски советник Гари Кон.
Кога сирискиот претседател Башар ал Асад во април 2017 година беше обвинет дека извршил хемиски напад врз цивили, Трамп му се јавил на Матис и му рекол дека сака да го ликвидира, тврди новинарот.
– Ајде да го убиеме. Да влеземе и да ги испоубиеме – наводно рекол Трамп.
Секретарот за одбрана му рекол на Трамп дека ќе изработи план, но по разговорот со претседателот на соработниците им посочил дека ќе всушност ќе изработи план за ограничени бомбашки напади, кои Трамп на крајот ги нареди.
Бившиот економски советник Кон, пак, се обидувал да ја контролира импулсивноста на претседателот кон трговијата. Кон го сметал претседателот за „професионален лажго“, а кога најавил дека поднесува оставка, Трамп му рекол дека е „предавник“. Според новинарот, Кон украл писмо од бирото на претседателот, кое Трамп требало да го потпише и со кое САД ќе се повлечеле од трговски договор со Јужна Кореја. Кон потоа му рекол на еден соработник дека го отстранил писмото за да ја заштити националната безбедност и дека Трамп не забележал дека недостига. Кон наводно направил сличен потег и за да го спречи Трамп да ги повлече САД од Договорот за слободна трговија во Северна Америка (НАФТА).
Вудворд во книгата пишува и за постојани тензии во администрацијата и поради начинот на кој Трамп се справувал со нуклеарната закана од Северна Кореја. Тој по првиот месец од мандатот побарал план за превентивен напад врз Северна Кореја. Есента 2017 година Трамп ја засили војната со зборови со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун. Советниците на Трамп се грижеле дека претседателот го провоцира Ким, а тој наводно им рекол дека тоа било битка на „лидер против лидер“ и „маж против маж“.
Во книгата на големо се опишува дебатата меѓу адвокатите и Трамп дали треба да биде интервјуиран од специјалниот обвинител Милер. Адвокатот Дауд во една пригода му објаснувал на Милер зошто се обидува да го спречи Трамп да сведочи.
– Нема да дозволам да седне и да изгледа како идиот. Ќе објавите транскрипт и луѓето во странство ќе си речат: „Ти реков дека е идиот. Зошто мора да се справуваме со овој идиот“ – му рекол Дауд на Милер, на што овој наводно му одговорил дека ја разбира ситуацијата.
Истиот месец адвокатот му повторил на Трамп да не сведочи зашто може да заврши во затвор за лажно сведочење. Но Трамп бил загрижен за јавниот имиџ бидејќи одбивал да сведочи и бил уверен дека може да се справи со прашањата на специјалниот обвинител.
– Ќе бидам добар сведок – му рекол Трамп на Дауд, на што адвокатот му одговорил: „Не, претседателе, не сте добар сведок и не можам да ви помогнам“, а наредниот ден поднел оставка.
„Лаги и лажни извори“
Американскиот претседател Доналд Трамп ги отфрли како лажни и политички мотивирани тврдењата изнесени во книгата „Страв“ на новинарот Боб Вудворд.
Трамп во низа твитови го обвини новинарот дека работи за Демократската партија и дека намерно ја објавува книгата во пресрет на изборите за Конгресот во ноември за да им наштети на републиканците.
– Книгата на Вудворд веќе е отфрлена и дискредитирана од секретарот за одбрана Џим Матис и од шефот на кабинетот Џон Кели. Нивните изјави се измислени лаги – измама на јавноста – напиша Трамп.