Рускиот претседател Владимир Путин се изјасни дека односите меѓу Москва и Вашингтон стануваат сѐ полоши, нагласувајќи во едно интервју објавено денеска дека сегашната американска администрација наложила десетици различни санкции врз Русија.
Проценката на Путин доаѓа кратко пред самитот Г-20 во Осака, Јапонија, на крајот на овој месец, на кој што тој можеби ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.
Односите меѓу САД и Русија остануваат тензични во поглед на повеќе прашања, од Сирија до Украина.
– Тие (нашите односи)одат во надолна линија, се влошуваат сѐ повеќе и повеќе. Сегашната администрација одобри, според мое мислење, неколку десетици одлуки за санкции против Русија во последниве години – изјави Путин за телевизискиот канал Мир.
Рускиот претседател додаде дека додека односите со САД остануваат проблематични, додека пак, оние со Кина продолжуваат да се зацврстуваат како резултат на продлабоченото стратешко пријателство.
Трамп во синоќа изјави дека ќе се состане со Путин на Г-20 во Јапонија, но Кремљ само ден претходно изјави дека состанокот е неизвесен и дека сѐ уште немало дискусии за одредување на деталите околу истиот.
Трамп, исто така, додаде дека се надева дека САД ќе имаат одлични односи со Русија, но вети дека ќе испрати илјада американски војници во Полска, чекор што го побара Варшава за да се спротивстави на потенцијалната агресија од Русија.
Американскиот претседател синоќа рече дека размислува и за санкции во врска со рускиот проект за гасоводот „Северен поток 2“ и ја предупреди Германија да не биде зависна од Русија за енергија.
Путин, кој се изјасни во корист на Кина во нејзината трговска војна со САД, во истото интервју изјави дека се надева дека врските со Вашингтон ќе се подобрат и покрај сегашната траекторија на нивниот однос.
– Навистина се надеваме дека на крајот ќе преовлада здравиот разум. Дека со сите наши партнери, вклучувајќи ги и нашите американски партнери може да донесеме некои одлуки во рамките на претстојниот самит, кои ќе бидат конструктивни и ќе ги создадат потребните стабилни услови за економска соработка – рече Путин.