Рускиот претседател Владимир Путин денеска престојуваше на два часа во Австрија, каде што присуствуваше на свадбата на австриската министерка за надворешни работи Карин Кнајсел.
На аеродромот во Грац по 12 часот слетаа два руски авиона, во еден беа членовите на хорот Козаци, кои Путин ги донесе како подарок на шефицата на австриската дипломатија, а во вториот авион беше шефот на руската држава.
На свадбата во местото Сулцтал, на југот на покраината Штаерска, Путин допатува во автомобил од аеродромот во Грац.
Путин на министерката Кнајсел и подари букет жолти цвеќиња, кои шефицата на австриската дипломатија посебно ги сака и се со иста боја како и букетот што го носела на венчавката.
По настапот на хорот Козаци, Путин се поздрави со младенците и отпатува кон аеродромот Грац, каде што замина за Германија, каде што вечерва ќе има состанок со германската канцеларка Ангела Меркел.
Пред заминувањето од Сулцтал, Путин се потпиша на автомобилот со кој младенците ќе заминат на меден месец.