Рускиот претседател Владимир Путин денеска во Виена изјави дека санкциите наметнати врз Москва, нанеле штета на двете страни, а „особено оние што ги иницираа”.

На заедничката прес-конференција со австрискиот претседател Александер ван дер Белен, Путин рече дека сите политички мотивирани рестрикции и протекционизам не водат кон конечно решение и нанесуваат штета на сите страни.

Тој додаде дека Русија се соочила со тешкотии поради санкциите, но успеала да ги надмине и не само што ја вратила, туку и ја зајакнала макроекономската стабилност.

– Обезбедивме минимална инфлација, минимална стапка на невработеност, помала од 5,5 отсто. Златните резерви се акумулираат, а трговското салдо е позитивно и имаме стабилен економски раст, посочи Путин.

Тој истакна дека сите се заинтересирани за укинување на санкциите, не само Русија, туку и ЕУ.

Претседателот на Австрија потенцираше дека голем дел од Русија е дел од Европа.

– Знаеме дека мир во цела Европа е можен само со Русија. Голем број регионални и глобални проблеми може да се решат само со вклучување на Русија, рече Ван де Белен.

Тој потсети дека Австрија ќе го преземе претседателствувањето со ЕУ на 1-ви јули и нагласи дека Виена секогаш се обидувала, а ќе го прави тоа и во иднина, да придонесува за намалување на тензиите.