Рускиот претседател Владимир Путин порача денеска дека Русија треба забрзано да се движи само напред.
Тој, на почетокот од своето годишно обраќање во Федералното собрание, истакна дека луѓето мора да почувствуваат промени и ситуацијата да се менува кон подобро.
Констатирајќи дека Русија се наоѓа во многу комплициран демографски период, Путин изјави дека главна задача е да се зачува рускиот народ и да се поддржат младите кои формираат семејство, бидејќи наталитетот е во опаѓање.
– Повеќе деца – помалку даноци, нагласи рускиот претседател по повод новите мерки за зголемување на наталитетот во земјата.
Тој потсети на новите мерки кои се воведени за семејствата, а тоа се парична помош за прво и второ дете, без разлика во кој регион на Руската Федерација се родило детето.
– Решавањето на демографските проблеми е директно поврзано со намалување на сиромаштијата, укажа Путин, прецизирајќи дека во 2000 година имало околу 40 милиони сиромашни луѓе, а денес таа бројка е намалена повеќе од двојно, на околу 19 милиони лица.
Путин најдолгиот говор го одржа минатата година, кој траеше еден час и 55 минути, а најкратките обраќања од 48 минути ги имаше во 2004 и во 2005 година.
Во просек, говорите на Путин траат по еден час и 15 минути, а Дмитриј Медведев додека ја извршуваше претседателската функција имаше говори просечно по еден час и 20 минути.
Во првото обраќање во Парламентот, во 2000 година кога Путин стапи на должноста претседател на Русија, имаше најмал број зборови – 5.146, додека неговиот минатогодишен говор, како најобемен, содржеше 11.428 зборови.
Претседателскиот говор обично го следат околу илјада официјални претставници, меѓу кои пратеници од Горниот и Долниот дом на рускиот Парламент, од претседателската администрација, претставници на Уставниот и Врховниот суд, дипломати, новинари… Најмал број присутни имало за време на првиот говор на Путин – 980, додека рекорден број се забележани во 2013 година, кога обраќањето го следеле 1.100 официјални претставници.