Претседателот на Русија Владимир Путин денеска, на годишната прес-конференција во Москва, изјави оти верува дека човештвото има доволно здрав разум да избегне нова светска војна.
-Се водам од размислувањето дека човештвото има доволно здрав разум и инстинкт за самозаштита и нема да премине во екстремизам – рече Путин.
Рускиот претседател оцени дека украинскиот колега Петро Порошенко сака да го искористи инцидентот во Керченскиот Теснец, со цел да го зајакне својот рејтинг пред претседателските избори во Украина.
-Провокацијата имаше за цел да ги зголеми тензиите. Јасно е зошто му е тоа потребно на украинскиот колега. Сака да ги зголеми тензиите за да го зајакне рејтингот на еден од претседателските кандидати, а под тоа мислам на актуелниот претседател. Тоа е погрешно. Нема да донесе добро ниту за нивниот народ ниту за нивната земја – рече Путин.