Рускиот претседател, Владимир Путин, изјави дека не го дели ентузијазмот во врска со говорот на шведската активистка за зачувување на животната средина Грета Тунберг во Обединетите нации. Тој го осудил, како што рекол, искористувањето на деца и тинејџери за остварување на туѓи интереси.
– Можеби ќе ве разочарам, но не го делам ентузијазмот за говорот на Грета Тунберг – рекол Путин.
Тој оценил дека е добро тинејџерите и младите да посветат внимание на проблемите на денешницата, вклучувајќи го и зачувувањето на животната средина.
– Но, кога децата и тинејџерите се користат заради нечии интереси, тоа треба да се осуди – порачал Путин.
Тој смета дека никој не ѝ објаснил на Грета дека модерниот свет е сложен и различен и дека луѓето во Африка и во многу азиски земји сакаат да живеат во богати земји, како што е Шведска.
– Сигурен сум дека Грета е многу љубезно и искрено девојче, но возрасните мора да направат сè што можат да не ги доведуваат тинејџерите и децата во екстремни ситуации – рекол рускиот претседател.
Грета на самитот на ОН во Њујорк ги прекори светските лидери поради тоа што не успеале да се справат со проблемот со климатските промени.
– Како се осудувате? Ги украдовте моите соништа – порача 16-годишната Грета која пред повеќе од една година почна протести пред шведскиот парламент, а тоа кулминираше со протести против климатските промени во целиот свет.