Рускиот претседател, Владимир Путин, му ја честита победата на Џо Бајден на претседателските избори во САД, откако Бајден победи на гласањето на Електорскиот колеџ, кој официјално ја потврди неговата победа.
Во телеграмата, Путин му посака успех на избраниот претседател и изрази уверување дека Русија и Соединетите Држави, кои имаат посебна одговорност за глобалната безбедност и стабилност, навистина можат да придонесат за решавање на многу проблеми и предизвици со кои светот сега се соочува и покрај нивните разлики.
Путин во својата порака исто така истакнува дека Москва е подготвена да соработува со администрацијата на Бајден, додавајќи дека соработката меѓу двете земји заснована врз заемно почитување ќе им служи на интересите не само на САД и Русија, туку и на целиот свет, пренесува „Ројтерс“.
Победата на демократскиот кандидат Бајден беше прогласена непосредно по изборите на 3 ноември, но актуелниот претседател Доналд Трамп се обиде да ги оспори резултатите од гласањето, повикувајќи се на обвинувања за кражба на гласови и незаконско пребројување.