Околу 40 нови воени бродови, со најсовремена опрема и ново, хиперсонично оружје, ќе влезат во редовниот состав на руската морнарица до крајот на годинава, објави денеска рускиот претседател Владимир Путин на главната поморска смотра во Санкт Петербург, а пренесе агенцијата „Тасс“.
– Годинава, во редовниот состав на нашата морнарица ќе испорачаме 40 бродови од различни типови и класи. Борбените својства на овие бродови ќе бидат значително понапредни затоа што сите тие ќе бидат опремени со најнова, напредна дигитална технологија, хиперсонични борбени системи уникатни во светот, микро беспилотни подморници и најефикасни, автоматизирани системи за самоодбрана од непријателски напади – рече рускиот претседател.
Путин исто така потсети дека пред неколку дена морнарицата промовирала шест нови воени бродови, кои исто така се опремени со оружје со голема прецизност и дострел.