Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска изјави дека Москва ја стопира примената на Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (ИНФ).
– Русија нема да постави ракети со среден и краток дострел во разни региони во светот пред САД – рече Путин.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров го извести Путин дека „САД го кршат ИНФ од 1999 година“.
– Русија нема да биде вовлечена во трката во вооружување, новите работи не треба да предизвикаат дополнителнии трошоци во буџетските расходи – посочи Путин.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео вчера најави дека САД од денеска ќе ја прекинат примената ИНФ.
Во соопштението од Белата куќа се наведува дека Русија предолго го прекршува ИНФ „без да биде казнета, тајно развивала и поставувала забранети ракетени системи, што претставува директна закана кон нашите сојузници и сили во странство“.
Американскиот претседател Доналд Трамп истакна дека САД „целосно го поддржувала“ Договорот повеќе од 30 години.
– Но, ние нема да останеме ограничени со условите од Договорот, додека Русија лажно ги претставува своите постапки. Не може да бидеме единствена земја во светот која е еднострано обврзана со тој Договор или со било кој друг – порача Трамп.
Москва демантира дека го прекршила Договорот, со кој на двете страни им се забранува поставување ракети со краток и среден дострел во Европа, кои се истрелуваат од копно.
Со ИНФ забранети се крстосувачките ракети лансирани од земја со дострел од 500 до 5.500 километри.
Договорот за нуклеарно оружје со среден дострел е потпишан во 1987 година од страна на Роналд Реган и Михаил Горбачов.