Посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Саудиска Арабија е знак за зголемената соработка помеѓу Москва и традиционалниот американски сојузник, пренесува „Форбс“.
Првата посета на Путин на Саудиска Арабија уште од 2007 година, исто така, ја прикажува зголемената самодоверба и влијанието на Русија на Средниот Исток.
– Имаше значителна размена на мислења во врска со регионалните проблеми, за ситуацијата со енергетските пазари или за цените за нафтата – кажа Дмитриј Песков, гласноговорникот на рускиот претседател, во изјава за „Ројтерс“.
Некогаш сметана за ривал на производителите на нафта, Русија сега соработува со Саудиска Арабија. По нападите врз саудиските рафинерии во септември, Путин понуди да им продаде оружје на Саудијците. Саудска Арабија и САД го обвинија Иран за нападите, додека Русија не го поддржа тој став.
Посетата на Путин на Ријад има за цел да покаже дека Русија може да разговара со регионалните сили. Во ситуација кога влијанието на САД на Средниот Исток е во опаѓање, Русија сака да го означи нејзиниот подем во регионот, заклучува „Форбс“.