Австрија, која е горда на својата неутралност и на географската локација во срцето на Европа, по сѐ изгледа се труди да ја пополни улогата на „мост“ во односите помеѓу Москва и ЕУ, за кои австрискиот канцелар порача дека сака да ги нормализира, оценуваат светските медиуми

Рускиот претседател Владимир Путин порача дека Русија не се обидува да ја подели Европската Унија. Во пресрет на посетата на Австрија, која му е прва посета на западноевропска земја во изминатата година, Путин истакна дека посакува обединета Европа. За рускиот лидер патувањето во алпската земја претставува голема можност – и на геополитички и на економски план. Австрија, која е горда на својата неутралност и на географската локација во срцето на Европа, по сѐ изгледа се труди да ја пополни улогата на „мост“ во односите помеѓу Москва и ЕУ, за кои австрискиот канцелар порача дека сака да ги нормализира, оценуваат светските медиуми.
– Ние немаме цел да предизвикаме поделби во ЕУ. Напротив, ние сме заинтересирани за обединета и напредна ЕУ, со оглед на тоа што Унијата е наш најважен економски и трговски партнер – порача Путин во интервјуто за австриската телевизија ОРФ пред посетата на Австрија.

Тој укажа на поврзаноста помеѓу руската и европската економија.
– Колку повеќе проблеми во срцето на ЕУ, толку повеќе ризици и проблеми ќе има за нас. Потребно е да изградиме соработка со ЕУ. Немаме цел да делиме ништо и никого во Унијата – додаде Путин, кој требаше да се сретне со австрискиот колега Александер ван дер Белен и со канцеларот Себастијан Курц.
Во фокусот на разговорите беа руско-австриските односи во разни области, како и размената на мислења за клучни глобални прашања. Покрај тоа, предвидено беше Путин да се сретне и со бизнисмени од двете земји, за да разговара за заемната трговија и соработка, особено во врска со гасот. Интересно е тоа што Путин пристигна во Виена по повод 50-годишнината од потпишувањето на Договорот за снабдување со гас од Русија. Австрискиот енергетски гигант ОМВ беше првата западна компанија што постигна договор за испорака на гас од Советскиот Сојуз во 1968 година. Сега, дури една третина од потребите за гас на ЕУ се покриваат со увозот на руски природен гас.
Малата Австрија, како што оценува Би-би-си, му нуди голема шанса на Путин, како геополитичка, така и економска. Рускиот претседател е посветен на отстранување на изолационизмот и на санкциите, кои Западот ѝ ги наметна на Русија по руската анексија на Крим пред четири години. Тој е доста свесен дека западната алијанса во моментов е под притисок од зголемените тензии помеѓу Европа и администрацијата на Трамп, а наедно и се надева дека ќе ги искористи. ЕУ, се разбира, и натаму негодува поради руската улога во Сирија и во Украина, наводното труење на бившиот руски шпион во Британија, како и неодамнешните руски тестирања нови балистички проектили, но Путин добро знае дека тоа што ја поврзува Европа со Русија е енергијата.

Австриската владејачка коалиција беше една од малкуте влади во ЕУ, која не ги повлече дипломатите од Русија во знак на протест за наводното труење на бившиот шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка во Британија. Путин има приврзаници во владејачката коалиција во Виена, вклучувајќи го и лидерот на Партијата на слободата, Хајнц-Кристијан Штрахе, кој неколкупати повика на укинување на санкциите против Русија. Запрашан за руските врски со екстремно десничарските партии, канцеларот Курц порача дека Австрија прагматично ќе одлучи „дали политички да соработува со некого“.

– Се обидуваме да работиме со оние што јавно ја изразуваат нивната желба самите тие да работат со нас – истакна Курц.
Минатиот месец, австрискиот канцелар ја пофали Русија дека е суперсила и ја потврди желбата на Виена да ги одржи отворени каналите за комуникација со Русија.
Покрај тоа, како што наведува РТ, економските врски помеѓу двете земји по сѐ изгледа закрепнуваат. Во 2017 година, економската размена помеѓу Русија и Австрија се зголеми за 40 отсто, во споредба со претходната година. Од почетокот на 2018 година, малата алпска земја го зголеми својот увоз на гас за импресивни 77,2 отсто, во споредба со бројките од минатата година, која исто така беше одбележана со рекорден увоз.


Виена под полициска „опсада“

Во австриската престолнина во сила се засилени безбедносни мерки поради посетата на рускиот претседател Владимир Путин. Околу 800 полицајци беа задолжени за безбедноста на високиот гостин, а делови од градот беа затворени за сообраќај. За обезбедувањето на Путин беа вклучени повеќе полициски единици, од специјалните единици „Вега“ и „Кобра“ па сѐ до обични униформирани полицајци. Покрај тоа, австриската војска го контролираше воздушниот простор над Виена. Поради безбедносни причини не беше откриена маршрутата на движење на рускиот претседател.
Покрај тоа, во виенската полиција беа пријавени и два протеста – еден против Путин, а друг на приврзаниците на Русија, под мотото „Пријателство со Русија“.