Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека американските санкции против Русија се водени од американската внатрешна политичка трка и дека тие претставуваат „енигма“ за Москва.
Путин, кој зборуваше на годишниот економски форум во Санкт Петербург, рече дека САД се отворени во обид да го запрат развојот на Русија, објави „Ројтерс“.
Претседателот на Русија смета дека за време на разговорите со неговиот колега од САД, Џо Бајден, во Женева на 16 јуни, двете страни мора да бараат решение за регулирање на билатералните односи.
– Ќе разговараме за билатералните односи и верувам дека ќе се обидеме да најдеме начин да ги регулираме тие односи. Во моментов тие се на многу ниско ниво, тоа добро го знаеме – рече Путин, пренесува ТАС С.
Тој додаде дека ќе разговараат за стратешка стабилност, регулирање на меѓународните конфликти во „жешките“ зони.
– Се надевам дека ќе зборуваме за процесите на разоружување, борбата против тероризмот. Ќе се дискутира и за борбата против пандемијата и еколошките прашања – додаде Путин.