Десетици илјади луѓе маршираа низ улиците на Глазгов, домаќин на Конференцијата на ОН за климатските промени, барајќи од владите да преземат конкретни мерки за намалување на употребата на фосилни горива кои влијаат на глобалното затоплување и климатските промени.
Маршот на кој се собраа синдикати, политичари, студенти, загрижени граѓани, помина мирно со звукот на тапаните и покрај повремените врнежи од дожд.
Протести за климата се одржаа и во други градови низ Европа, вклучувајќи ги Лондон, Париз, Даблин, Копенхаген, Цирих и Истанбул.
– Се водат разговори, но нема политика која што договореното ќе го спроведе на дело – изјави еден од учесниците на демонстрациите во Глазгов.
Критичарите ги обвинуваат политичарите дека зборуваат повеќе отколку што прават, затоа што не ги исполнија ниту ветувањата од Самитот во Париз во 2015 година, кога првпат се обврзаа да ги намалат штетните гасови во нивните земји.
Демонстрантите, исто така, го критикуваа ограничениот јавен пристап до разговорите во Глазгов, велејќи дека сите засегнати страни мора да бидат вклучени. За време на маршот тие носеа транспаренти на кои пишуваше „Црвена линија за хуманоста“, „Стоп за големите загадувачи“.
Од друга страна, со помалку присутност, но не помалку гнев и ентузијазам, климатскиот собир се одржа и во Истанбул, Турција.
Осумдесет климатски активисти протестираа во Истанбул, повикувајќи на акција за спас на планетата за идните генерации. Активистите носеа транспаренти „Обединети за климата“ и „Екологијата без класна борба е градинарство“. Универзитетскиот професор Барис Генчер Бајкал (43) повика на итен прекин на употребата на јаглен.
„Веќе не може да се одложува бидејќи климатските промени ги чувствуваме секој ден“, рече тој, истакнувајќи дека богатите и сиромашните земји се подеднакво погодени.
Турција со години е погодена од големи суши, а летово од шумски пожари и поплави.
Конференцијата на ОН за климата во Глазгов ќе трае до 12 ноември.