Повеќе од 155 лица беа уапсени во Лондон за време на протестите организирани против рестриктивните мерки насочени кон спречување на натамошното ширење на пандемијата.
Апсењата следеа затоа што демонстрантите извршија голем број прекршоци, вклучително и „кршење на рестриктивните мерки донесени за сузбивање на ширењето на коронавирусот“, објави на твитер лондонската полиција.
Полицијата претходно ги повика жителите на Лондон да не учествуваат во демонтрациите, чие одржување е забрането како дел од рестриктивните мерки во земјата.
Демонстрантите се уапсени за различни кривични дела, вклучувајќи напад врз полицаец, поседување дрога и кршење на ограничувањата наметнати за да се спречи ширењето на пандемијата.
На демонстрантите, кои протестираа против ограничувачките мерки, им се придружија и групи кои се спротивставуваа на примање вакцини за ковид-19. Мерките за карантин во Англија ќе бидат на сила до 2 декември.
Протести се одржаа и на германско-полската граница. Во придружба на бројни припадници на полицијата, се одржа протест во Франкфурт на Одра, на границата со Полска, против ограничувачките мерки воведени со цел да се потисне натамошното ширење на пандемијата.
Според полицијата, околу 1.500 демонстранти учествувале во протестите организирани од иницијативата „Кверденкен“, кои заедно со истомисленици од Полска изјавиле дека сакаат да се залагаат за став што ги рефлектира „мирот и слободата“.
Демонстранти се собраа и во поголемите хрватски градови против новите епидемиолошки мерки.
Тие протестираа во Загреб, Сплит, Риека, Осиек, Задар и Шибеник, но во мал број. Полицијата го следеше секој од овие протести.