Нападите врз полициските службеници во Лондон се зголемиле за речиси 40 отсто за време на режимот на ограничено движење поради коронавирусот во градот, а Скотланд Јард ги посочува насилните протести и уличните забави претворени во немири како главен двигател за порастот во бројот на напади, пренесува Би-би-си.
Од полицијата велат дека помеѓу мај и јули имало 2.027 напади врз полицајци во британската престолнина, што претставува скок од 38 отсто во однос на истиот период лани.
Полициските сили изјавија за Би-би-си дека големите протести, вклучително и оние што ги одржуваа „Блек лајвс медр“ и екстремно десничарските групи, придонеле за масовниот пораст на нападите врз британската полиција. Исто така, се верува дека удел во ова имаат и големиот број неодобрени музички настани што прераснаа во насилни конфронтации.
Бројките исто така откриваат дека од почетокот на годината до јули биле нападнати 6.668 полицајци, што е исто така пораст од 16 отсто во однос на претходната година.
– Јасно е дека нападите врз полицајците и персоналот се зголемуваат од година во година и влијанието што ова го има врз нашата професија не може и не треба да се потценува. Нападите никогаш не треба да се сметаат како дел од работата, а службениците треба да можат да одат на работа без страв од злоупотреба или напад. Сепак, знаеме дека не е секогаш така. Влијанието може да има долгорочни ефекти врз поединецот кои не може секогаш да бидат очигледни и не се секогаш физички – рече шефот на операцијата „Хемпшир“ – работна група на лондонската полиција која се занимава со напади врз полициските службеници – главниот инспектор Дејв Брустер.
Во моментов, сторителите на обичен напад или физички напад со предизвикани повреди против британски полициски службеник – или други работници од првите редови, како што се пожарникарите и болничарите – се соочуваат со максимална казна од 12 месеци затвор. Владата размислува да ја удвои казната на две години во Англија и во Велс.
– Нашите полицајци работеа неуморно под зголемен притисок да ги одржуваат нашите заедници безбедни во овие тешки времиња. Насилството насочено кон нив е едноставно неприфатливо и нема да се толерира. Полициските службеници заслужуваат целосна почит и секој што напаѓа поицаец треба да ја почувствува целосна сила на законот – рече Софи Линден, заменик-градоначалник на Лондон за полициско работење и криминал.
Во јуни, лидерот на партијата „Брегзит“, Најџел Фараж, рече дека смета оти законот и редот ќе бидат дефинирачкиот проблем на деценијата. Фараж предупреди дека постои растечка расна поделеност затоа што луѓето нема да трпат да им диктира марксистичката организација наречена „Блек лајвс медр“.