Стотици пожарникари и натаму се борат со големиот шумски пожар што беснее во јужниот дел на американската сојузна држава Калифорнија.
Противпожарната служба соопшти дека пожарникарите се обидуваат да го спречат ширењето на огнот кон блиските куќи.
Пожарот што беснее на ридовите над езерото Елсинор, јужно од Лос Анџелес, досега уништи површина од речиси 77 километри квадратни, вклучувајќи и 13 куќи.
Пожарникарите досега успеале да изгаснат само околу 10 проценти од пожарот, но се стравува дека силниот ветер што е најавен за денеска попладне по локално време, дополнително ќе ја отежни нивната работи и може да придонесе за дополнително ширење на огнената стихија.
Поради стравување од можно проширување на пожарот, властите наредија евакуација на 20.000 лица од реонот.
Полицијата информира дека привела едно лице, кое е осомничено за намерно предизвикување на пожарот. Станува збор за 51-годишен маж на кому му е одреден кауција од еден милион долари за да биде пуштен да се брани од слобода, Тој ги отфрла обвинувањата како лажни.
Доколку биде прогласен за виновен, осомничениот пироман може да биде осуден на доживотна затворска казна.