„Амнести интернешнел“ и неколку новинарски организации деновиве обелоденија голем светски скандал, во кој се откри дека се прислушувани политичари, новинари и бизнисмени. Зошто овие структури во државите низ светот се следени ќе се утврдува од истрагата што допрва ќе следува. Македонија, за жал, низ годините имаше редица свои скандали со прислушувања, во кои од независноста досега беа следени комуникациите на новинарите, политичарите и граѓаните

Откриен мегаскандал насловен „Пегаз“

Активисти за човекови права, стотици новинари, адвокати и политичари, но и претседатели на држави од сите делови на светот, биле жртви на обемно прислушување на тајните служби и полицијата, преку незабележително инсталиран софтвер, со кој се надгледувале телефонските разговори и дигиталната комуникација. Ова меѓу другото е откриено во заедничкото истражување на новинари од 16 светски познати редакции, меѓу кои и од британскиот весник „Гардијан“, францускиот „Ле монд“ и американскиот „Вашингтон пост“, во кое се наведува дека над 50.000 телефонски броеви од над 45 држави во светот биле на листата за шпионирање од државите со израелскиот софтвер „Пегаз“. Како што објавува „Гардијан“, моќниот израелски шпионски софтвер, произведен од компанијата НСО, во корист на десетина држави, низ годините преку апликација на паметните телефони тајно влегувал во уредите и со него незабележано се преземале податоци од паметниот уред на сопственикот и се вршела контрола над него. Имено, додека дигиталните форензичари засега не можат да кажат дали и во која мера софтверот „Пегаз“ функционирал со оперативниот систем на паметните телефони на прислушуваните лица, новинарите на западните медиумски куќи во своето истражување успеале преку дигитална форензика и анализа на ИТ-лабораториите на „Амнести интернешнел секјурити лаб“ од Берлин и на „Ситизен лаб“ на Универзитетот во Торонто да докажат дека илјадници телефони на познати личности, меѓу кои и светски политичари и новинари, биле прислушувани и следени. Меѓу шпионираните новинари, како што пишува британскиот весник „Гардијан“, кој исто така учествувал во заедничкото истражување, се и главната уредничка на британски „Фајненшл тајмс“, репортери на француски „Мондо“, една репортерка од американски „Си-ен-ен“, еден дописник на новинската агенција „Франс прес“, една индиска телевизиска новинарка и повеќе уредници во Унгарија и во Азербејџан.

Кој, како, што?

Во меѓувреме, новинарите од 16 редакции имале пристап до „доверливи“ документи за приближно 50.000 телефонски броеви, споделени од организацијата „Забранети приказни“ и „Амнести интернешнел“, за потенцијални цели на моќниот шпионски софтвер од израелската групација НСО, наречен „Пегаз“. Според она што е засега познато од истражувањето на новинарите, софтверот им бил продаден на десетина влади низ светот, вклучувајќи и во Европа. Според истражувањето, кое беше објавено од речиси сите медиуми, новинарите најпрво се обиделе да ги откријат имињата зад телефонските броеви и успеале да идентификуваат стотици лица, кои ќе бидат објавени во следните неколку дена. Од идентификуваните броеви, потоа е направена и форензичка анализа на мал број од паметните телефони на сопствениците. Британски „Гардијан“ наведува дека половина од тестираните телефони покажале „траги“ од „Пегаз“. Тоа, според медиумот, било доволно за новинарите да заклучат дека листата на броеви е кредибилна, односно дека станува збор за корисници на телефонски броеви што барем во некој момент биле или требало да бидат цел на шпионскиот софтвер.

Кој го користел софтверот

Паралелно со ова, како што објавува „Вашингтон пост“, меѓународниот истражувачки конзорциум успеал да идентификува барем десет влади што внесувале броеви во системот. Меѓу владите што го набавиле софтверот се посочени земјите како Азербејџан, Бахреин, Казахстан, Мексико, Мароко, Руанда, Саудиска Арабија, Унгарија, Индија и Обединетите Арапски Емирати. Анализата исто така покажува дека државата што внела најмногу телефонски броеви во системот е Мексико (15.000), земја за која се знае дека неколку безбедносни агенции го поседуваат софтверот. Истражувањето посочува дека околу 1.000 броја се и од европски држави. Во исто време со ова, во соопштение до јавноста, израелската компанија НСО ги демантира „лажните тврдења“ за активностите на нивните клиенти, велејќи дека ќе „продолжи да ги истражува сите наводи за злоупотреба и ќе преземе соодветни мерки“.


Како работи „Пегаз“

Шпионскиот софтвер „Пегаз“ се „инфилтрира“ во телефонскиот уред преку слабости во често употребувани апликации за комуникација или, пак, преку залажување на корисникот да кликне на некој линк. Клаудио Гуарниери, кој раководи со т.н. Безбедносна лабораторија на „Амнести интернешнел“, за „Гардијан“ изјави дека штом еден телефон е „инфициран“ со „Пегаз“, клиентот (странска влада или организација) може практично да ја преземе контролата над телефонскиот уред. Софтверот дозволува од телефонот да се извлечат пораки, повици, фотографии, електронска пошта, тајно да се активира камерата или микрофонот, или да се чита содржината на кодирани апликации за пораки, како Сигнал, Телеграм, Ватсап.