Саудискиот принц Мохамед бин Салман вети дека ќе ги казни сите лица што се одговорни за убиството на новинарот Џамал Кашоги во Истанбул. Бин Салман порача дека злосторството е „навистина болно за сите Саудијци“, додавајќи дека никогаш нема да дозволи никаков спор со Турција. Саудиска Арабија претходно ги отфрли обвинувањата дека токму принцот е вмешан во ликвидацијата на Кашоги, кој беше голем критичар на кралското семејство и саудиските власти. Некои од светските медиуми дури оценуваат дека Бин Салман го нарачал убиството на колумнистот на „Вашингтон пост“, кој живееше во егзил во САД.
– Убиството е грозно злосторство, за кое нема оправдување. Многу луѓе се обидуваат да ја искористат оваа болна ситуација за да предизвикаат поделба помеѓу Саудиска Арабија и Турција. Сакам да им испратам порака дека никогаш нема да успеат во тоа – порача саудискиот принц.
Ова е прво јавно обраќање на принцот Бин Салман откако Саудијците признаа дека Кашоги е убиен во конзулатот во Истанбул. Саудиската влада соопшти дека зад убиството стојат „одметнати агенти“. Претходно, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган порача дека убиството на новинарот е внимателно испланирано политичко убиство, од страна на саудиските разузнавачи и други саудиски претставници.