Семјуел Литл (79) призна дека задавил 93 жртви во периодот помеѓу 1970 и 2005 година, со што сега се смета за најозлогласниот сериски убиец во историјата на САД, според Федералното истражно биро (ФБИ), пренесуваат светските медиуми.
ФБИ апелира до американската јавност да помогне во идентификацијата на жртвите. Истражителите на Бирото веруваат дека признанијата на Литл се издржани, со што веќе ги потврдија неговите тврдења за 50 жртви. Смртта на дел од жртвите на Литл се припишувала на предозирање со дрога, или пак, на несреќни или неразјаснети околности. Дел од телата никогаш не биле пронајдени.
ФБИ објави 30 скици од настраданите – портрети во боја кои самиот Литл ги нацртал. Повеќето од нив се од црномурести жени. Бирото исто така објави видео-снимки од разговорите со убиецот водени во затвор.
Литл кој е зад решетки од 2012 година издржува повеќекратни доживотни затворски казни.