Разни корпорации ги спонзорираат претседателствата на земјите-членки на ЕУ со Европскиот совет. Таков беше случајот и лани со Романија и со Финска. Приватните спонзорства го уништуваат угледот на ЕУ пред граѓаните, предупредува европскиот народен правобранител
Европскиот народен правобранител го критикува Европскиот совет зашто ги толерира приватните спонзорства на европските претседателства на земјите-членки, оценувајќи дека тие го уништуваат угледот на ЕУ. „Кока кола“ и „БМВ“ се само некои од компаниите што лани ги спонзорираа романското и финското претседателство со Советот на ЕУ, посочува Еурактив.
– Ваквите спонзорства од приватни компании му штетат на угледот на ЕУ – предупреди европската правобранителка Емили О’Рајли.
Таа реагираше на жалба поднесена од организацијата за заштита на потрошувачите „Фудвоч“. О’Рајли порача дека претседателството со ЕУ мора да биде „неутрално и непристрасно“ и дека Европскиот совет треба да подготви јасни правила за спонзорства од приватни корпорации.
Во жалбата поднесена во јуни 2019 година се изразува негодување поради фактот што романското претседателство беше поддржано од „Кока кола“ и од други компании. Вниманието го привлече еден германски новинар, кој објави фотографии на Твитер. Во жалбата се наведува дека компанијата за пијалаци ја снабдувала романска влада со мебел и со 140.000 литри пијалаци за разни состаноци. Организацијата смета дека тоа е „очигледен обид да се влијае врз политиката на храна на ЕУ“, која беше донесена истиот период лани. Според директорот на „Фудвоч“, Тило Боде, ова би можело да го загрози угледот на ЕУ.
– Ако граѓаните го видат знамето на ЕУ веднаш до логото на „Кока кола“, „БМВ“ или „Гугл“, тоа му штети на кредибилитетот на политиката во Европа – вели Боде, кој ја повика Германија да се воздржи од прифаќање спонзори за претседателство со Европскиот совет во втората половина на 2020 година.
Во изминатите години стана норма земјите-членки на ЕУ да бараат спонзори преку тендери за своите претседателства со Европскиот совет. На пример, „Кока кола“ веќе го поддржуваше полското претседателство во 2011 година.
Пред Романија, која меѓу своите спонзори ја наведе и националната компанија за нафта и гас „ОМВ Петром“, Австрија прифати спонзорства од разни компании, како „Порше“, „ДХЛ“ и „Мајкрософт“. За време на финското претседателство, „БМВ“ беше единствената компанија што обезбеди спонзорство.
Но сумата пари што компаниите им ја даваат на организаторите на претседателството засега останува непозната. Само Ирска досега ги обелодени приходите од спонзорство во 2013 година, вкупно 1,4 милион евра.
Советот на ЕУ лани одговори на жалбата на „Фудвоч“ за „Кока кола“, нагласувајќи дека, покрај официјалните задачи на претседателството, имало и „други активности“ што биле неутрални и финансирани од Брисел. Таквите активности се организирани од самите земји-членки и вклучуваат неофицијални состаноци, како и цела придружна програма на претседателството на ЕУ. Сепак, за нив се одговорни самите земји на ЕУ, посочи Европскиот совет. „Фудвоч“ не беа задоволни од таквиот одговор, па побараа реакција од правобранителот на ЕУ, кој се согласи со нив.
– Фактот дека граѓаните ќе поврзат настан на претседателството на ЕУ, спонзориран од некоја компанија, со самата ЕУ е разбирлив, очекуван и неизбежен – изјави О’Рајли, додавајќи дека Советот на ЕУ бега од одговорност.
Според неа, бидејќи Европскиот совет веќе им нуди на членките практична помош за претседателството, тој може да подготви и упатства за односот со компаниите.
Во октомври, европратениците усвоија извештај во кој изразија „жалење“ зашто корпоративното спонзорство стана норма за претседателствата со ЕУ. Тие посочија оти Европскиот парламент е „крајно загрижен“ за заканата што тоа може да претставува за угледот на ЕУ, како и за можната загуба на довербата на граѓаните. Советот на ЕУ вели дека во моментот работи на насоки за справување со приватни спонзори.
Хрватска, која го презеде претседателството со ЕУ на почетокот на годината, сѐ уште не објави информации за можните спонзорства. Сепак, како што пренесува Еурактив, една пиар-агенција од Загреб обелодени оти веќе се објавени два тендера. На нејзиниот веб-сајт стои дека партнерството со претседателството на ЕУ претставува „единствена можност за приватните компании подобро да се позиционираат на европскиот пазар“.