Петнаесетина припадници на организацијата Бели шлемови организираат протест во сирискиот град Дара, на југот на земјата, со барање да бидат евакуирани од воената зона.
Протестот доаѓа откако 400 од припадниците на оваа група со израелска помош беа евакуирани во Јордан, со план оттаму да бидат префрлени во Велика Британија, Германија, Канада и Франција.
Се работи за организација која во текот на граѓанската војна во Сирија информираше за злосторствата на сириската Влада и вооружените сили на Иран и Русија, од чија страна беше обвинувана за поврзаност со исламистичките групи. По поразот на сунитските бунтовнички движења во најголем дел од земјата, Белите шлемови бараат засолниште во други држави.
– Кога се ангажиравме за одбрана на граѓаните, ние спасувавме животи. Сега, кога на нас ни треба помош, никој не доаѓа. Каде се странските донатори? – изјави Алуан ал Масри (25), кој изминатите две години работел како пожарникар во Дара, град во рацете на сунитски бунтовници, кој сега е на дофат на сириската армија.
Се проценува дека вкупно 650 Бели шлемови се опколени на југот на Сирија, а засега не се очекува друга акција за нивно извлекување.
Сириските власти оценија дека и досегашното извлекување на Белите шлемови, со помош на Израел, било „криминална операција“.