Премиерот на Ирак, Мустафа ал-Кадеми, првпат ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон, а присуството на американски трупи во Ирак е на врвот на неговата агенда.
Средбата доаѓа по зголемувањето на нападите врз американски цели од проиранските борци, а како што Техеран и Вашингтон се борат за влијание во Ирак, расте јазот меѓу проиранските фракции и ирачкиот премиер пријателски настроен кон САД.
Кадеми, кој ја презеде функцијата во мај, се соочува со предизвици од фракциите на „Хашид ал-Шааби“, коалиција на ирачки шиитски паравоени групи со блиски врски со Иран. „Хашед ал-Шааби“ е официјално интегрирана во ирачката држава, а нејзините политички претставници побараа протерување на 5.000 американски трупи распоредени во земјата.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео во средата изјави дека вооружените групи кои не се под целосна контрола на Кадеми го попречуваат нивниот напредок, барајќи тие да бидат заменети од локалната полиција што е можно поскоро. Помпео притоа алудираше на шиитските паравоени групи иако не ги идентификуваше по име.
Прашан за планот за намалување на американските трупи во Ирак, кои сега се околу 5.000, Помпео рече дека нема цифри и побара луѓето да не се фокусираат на тоа. Тој ги опиша вооружените групи како постојан проблем што ја нарушува ирачката безбедност, ги загрозува интересите на американските сили во регионот и е предизвик за суверенитетот на Ирак.
Од „Хашед ал-Шааби“ негираа каква било поврзаност со неодамнешната низа антиамерикански напади, но видеата и тврдењата на социјалните мрежи навестуваат нејзино учество преку групи кои работат под други имиња. Кадеми ги разбесни вооружените групи одземајќи им ги граничните пунктови каде што водеа профитабилни мрежи за шверц и им наметнауваа даноци на трговците.
Нападите се зголемија во последните неколку недели, а ирачката армија извести за нов ракетен напад во вторникот вечерта на мета на аеродромот во Багдад, каде што се наоѓаат американските трупи. Проектилот не предизвикал штети или жртви, соопшти армијата.
Од октомври до крајот на јули, ирачките вооружени фракции извршија 39 ракетни напади против американските интереси во земјата. Но, откако Белата куќа претходно месецов потврди дека Трамп ќе се сретне со Кадеми, темпото се засили.
Кадеми минатиот викенд беше домаќин на иранскиот командант Есмаил Кајани, замената на убиениот Касем Сулејмани, кому му посочи дека ниту една земја не може да се меша во ирачко-американските односи.
Односот меѓу Багдад и Техеран, во меѓувреме, мора да биде „држава со држава“, а не преку милиции, било констатирано на средбата.