Производство на „Нутела“ во најголемата фабрика во светот, којашто се наоѓа во северниот дел на Франција, е блокирано веќе една недела поради штрајк на работниците, кои бараат повисоки плати, објавија претставници на синдикатот.
Во фабриката на италијанскиот Фереро се произведуваат 600.000 тегли нутела секој ден, кои сочинуваат една четвртина од вкупното производство на популарниот крем. Пред една недела, 160 работници во фабриката во северниот дел на Франција излегоа на штрајк, изјави Фабрис Каншел од синдикатот.
-Ниту еден камион оттогаш не влезе ниту пак излезе од фабриката- додаде Каншел.
Една недела е запрено и производството на киндер буено, а од четири производствени линии на Нутела работи само една.
Работниците бараат зголемување на платата за 4,5 проценти и бонус од 900 евра. Менаџментот понуди само 0,4 проценти повисока плата.
Фереро Франција соопштија дека се вклучени во „шестдневни дискусии, но синдикатот одбил сè“. Од компанијата најавуваат разврска на случајот на суд.