Жителите на Омск, кој е повеќе од 1.600 километри оддалечен од Москва, покренаа невообичаена кампања, барајќи локалниот аеродром да биде преименуван според позната рок ѕвезда од нивниот град, пишува магазинот „Атлантик“.
Обожавателите на музичарот Егор Летов, кој почина пред 10 години, отворија страница на Фејсбук под мотото „Нашето име е Летов“, во рамките на кампањата за премименување на аеродромот во „Летов интернационален аеродром“. Но, руските власти го отфрлија барањето, образложувајќи дека симпатизерите на музичарот претставуваат „маргинална група“.
Кампањата во Омск беше покрената по објавувањето на националниот конкурс за преименување на 47 аеродроми во Русија, според значајни личности од државната историја. Во рамките на кампањата која заврши во вторникот, гласаа околу пет милиони луѓе, бирајќи ги имињата на национални херои, научници и уметници. Meѓу избраните имиња беа создавачот на периодниот систем на хемиски елементи Дмитриј Менделеев, поетот Александар Пушкин и писателот Антон Чехов.
Проектот отвори прашања за дефинирање на рускиот идентитет, односно дали тој треба да биде ограничен на личностите од империјалното минато на Русија предложени од државата. Властите во Москва тврдат дека неговата цел е славење на руските херои. Оние што се противат, пак, сметаат дека кампањата помага да се пренасочи вниманието на јавноста од постоечките проблеми како што се, економијата, корупцијата и општото незадоволство.
Преименувањето на аеродромите беше спроведувано по принципот „еден глас – еден аеродром – едно име“ давајќи им на Русите чувство дека учествуваат во слободен процес, но новинарот Антон Барбашин посочува оти „државниот филтер одредува кои кандидати се подобни, слично како и на руските избори“.
Аналитичарите сметаат дека конкурсот би можел да биде од корист за рејтингот на рускиот претседател Владимир Путин, преку обединување на Русите околу националистичкиот проект кој на граѓаните им дава чувство на автономија.