Предводен од претседателот Доналд Трамп, Вашингтон бргу и одлучно се врти против втората светска суперсила. Тоа би можело да биде катастрофално, оценува професорот по историја на универзитетот „Колумбија“, Стивен Вертајм, во својата анализа, која ја пренесуваме интегрално
Познатиот писател Џорџ Орвел ја прослави победата во Втората светска војна со предупредувањето дека наскоро ќе почне студена војна. Студената војна, како што Орвел напиша во својот есеј од 1945 година „Ти и атомската бомба“, е „мир што не е мир“. Нуклеарните оружја можат да спречат директни инвазии, инаку суперсилите би раководеле со непомирливи светски поредоци, секоја обидувајќи се да го изолира и порази противникот. За само неколку години, САД и Советскиот Сојуз се судрија токму на тој начин. Американскиот дипломат Џорџ Кенан го обезбеди американскиот консензус за Студената војна, советувајќи дека моќта на Советскиот Сојуз треба да биде задржана, сѐ додека тој не се распадне, наведува професорот по историја на универзитетот „Колумбија“ Стивен Вертајм во својата анализа за весникот „Њујорк тајмс“.
Советскиот Сојуз на крајот сепак се распадна. Орвел, исто така, прогнозираше дека Студената војна би можела да вклучува и трета страна: „Источна Азија, доминирана од Кина“. До неодамна, сѐ упатуваше на тоа дека познатиот писател погреши за третата страна. Од 1970-тите, САД и растечката Кина спроведуваа политика на економска вмреженост и дипломатска соработка.
Но, тоа беше тогаш. Сега, американскиот претседател Доналд Трамп ја ескалира трговската војна со Кина, додека, пак, политичарите, креаторите на политика и експертите од двете партии го повикуваат да не запре само на трговијата. Сенаторката Елизабета Ворен ја отфрла минатата американска политика на „насмеано лице“ кон Кина, а сенаторот Марко Рубио на Твитер предупредува за кинескиот детален план за светска доминација. Па, така, Вашингтон се подготвува за натпревар на повеќе фронтови со втората светска суперсила. Можеби сме сведоци на почетокот на кинеско-американска студена војна.
Ако тоа е така, тогаш Трамп може да биде наредниот Хери Труман, кој ги постави условите за првата Студена војна во доцните 1940-ти, ветувајќи „поддршка за слободните народи“ и креирајќи институции за нивно интегрирање. Но Трамп е многу посуров: тој ветува одмазда за оние што „ја силуваат нашата земја“ и ги казнува преку санкции и тарифи. Во однос на конфликтот што претстои, воопшто не е на добро што тој раководи со земјата, па дури и споредено со нуклеарните кризи, војните преку посредници и внатрешната репресија од оригиналната Студена војна. Ако одговорните Американци претпочитаат поинаква иднина, тогаш сега е вистинското време да го кажат тоа.
Кон крајот на администрацијата на Обама, функционерите во Вашингтон стравуваа дека Кина застранува од патот на либерализацијата и соработката. Тие го осудија правно сомнителното воено засилување на Кина во соседните мориња. Тие ги критикуваа кинеските економски политики, кои го ограничија пазарниот пристап за американските бизниси и ги принудија да ја споделат нивната технологија. Тие, исто така, го критикуваа и авторитарното затегнување на Кина под претседателот Си Џинпинг.
Не е спорно дека овие грижи се легитимни, како што беа американските критики на советската експанзија и опресија во 1940-тите. И покрај тоа, претседателот Обама се обиде повеќе да го предизвика кинеското однесување отколку кинеската моќ, нагласувајќи ја користа од соработката, исто како што тоа го направи претседателот Френклин Рузвелт со Советскиот Сојуз. Дури откако Трамп го почна мандатот, а особено минатата година, паниката, типична за Студената војна, го окупира Вашингтон, претворајќи ги индивидуалните поплаки за кинеските постапки во сеопфатно противење на кинеската моќ. Додека претседателот е фокусиран на тарифите, неговата администрација црта „економска железна завеса“ низ светот, како што го објасни тоа бившиот министер за финансии Хенк Полсон. Америка се мачи со кинескиот телекомуникациски гигант „Хуавеи“, дали да спречи шпионажа или да ја спречи Кина да го преземе лидерството со високотехнолошките индустрии. Сите прашања – безбедност, економија, технологија, човекови права – се спојуваат.
Пекинг мора да се чуди што може да ги задоволи барањата на Вашингтон, освен промената на својот режим или повлекувањето од светот. Можеби ќе дознаеме од потпретседателот Мајк Пенс, кој ја критикуваше кинеската „агресија“ во влијателниот говор лани во октомври и планира продолжение, или од Кирон Скинер, која е на поранешната позиција на Кенан како директор за планирање политики во Стејт департментот и која тврди дека формулира „кенанска теорија“ за долга битка со Кина.
Ако почнува студена војна, тогаш зошто сега? Иако САД и Советскиот Сојуз имаа различни политички и економски системи, нивниот антагонизам се фокусираше на специфичен спор: иднината на поствоена Германија. Ниту една точка не ги разделува Америка и Кина денес. Ниту, пак, идеолошките разлики се акутни. Кина повеќе не бара универзален триумф на комунизмот, а САД се оддалечуваат од извезувањето демократија. Можеби, тоа треба да нѐ осигури дека односите нема да се претворат во отворен конфликт.
Антикинеското свртување од ланската година повеќе беше предизвикано од американските стравови, отколку од кинеските постапки. Американските стравови воопшто не се нови. Тоа што е ново е претседателот Трамп, кој истовремено воведе посебен анимозитет кон Кина и ја испровоцира американската политичка класа да бара нова цел на глобалното лидерство на САД.
Трамп, докажан ксенофоб, со децении вината за американските проблеми им ја префрла на незападните сили, прво на Јапонија во 1980-те, а потоа на Кина. Неговата администрација го отсликува таквото гледиште. Скинер ја нарекува Кина „навистина различна цивилизација“. Нејзиниот став е значаен: ако оригиналната Студена војна ги вкрсти во рингот либералната капиталистичка демократија против државниот комунизам, тогаш нејзиниот наследник може да ветува брутална политика за моќ, обвиткана околу судирот на цивилизации.
Трамп е важен и за друга работа. Неговиот избор ги испровоцира надворешнополитичките функционери да паничат околу „изолационизмот“ и да се борат да ја зачуваат американската моќ. По здружувањето за одбрана на „либералниот светски поредок“, тие дојдоа до решение: задржете ја Кина. Пекинг претставува идеална цел – голем непријател што ги оправдува глобалните реакции, но не претставува голема директна закана за војна. Во Вашингтон, строгоста кон Кина е една од малкуте каузи што ги обединува демократите и републиканците. Економските националисти сонуваат за враќање на работните места во Америка, поддржувачите на слободната трговија мислат дека притисокот ќе ја отвори Кина и секој сака да звучи цврсто за одбраната.
Тоа не значи дека тврдокорните против Кина се неискрени или ирационални. Тие се во право дека подемот на Кина е закана за американските интереси, но сѐ додека Америка ги дефинира своите интереси како задржување на глобалната доминација насекаде и засекогаш.
Во моментов, конфронтацијата со Кина можеби изгледа дека ќе понуди по нешто за секого, исто како што антисоветската крстоносна војна првично ветуваше. Кон крајот на 1940-тите, бизнисите видоа можност за проширување на трговијата и обезбедување на капитализмот, организираниот труд се согласи, прифаќајќи да ги дисциплинира своите редови за парче од економската торта. Тоа изгледаше како добра зделка, сѐ додека не запре порастот и не стана очигледно дека Студената војна значи гинење во Виетнам.
Трошоците беа огромни тогаш, а би можеле сега да бидат поголеми. Не е воопшто коинциденција тоа што претседател, кој ја негира климатската промена го води нападот против Кина, најголемиот емитер на штетни гасови. За справување со климатските промени, е потребно Америка и Кина да соработуваат и да ја канализираат нивната конкуренција во спасување на планетата, наместо окупирање на нејзините ресурси. Американскиот народ може да живее со авторитарна Кина. Американците не може да живеат на ненаселива земја.
Исто така, американскиот народ не треба да се плаши од кинески воен напад. Дури и во Источна Азија, кинеските сили нема наскоро да ги заменат американските. САД имаат време да ги проценат кинеските амбиции и да ги охрабрат нејзините соседи самите да се бранат. Постојаното непријателство може да се покаже како самодоволно, предизвикувајќи ја Кина да се стреми кон протерување на американската војска во регионот. Иако некои сметаат дека задржувањето на Кина нуди изговор за напуштањето на Блискиот Исток, тогаш тие нека размислат повторно: нова студена војна ќе ги втурне САД назад во грозни посреднички војни низ светот и ќе ги изложи на ризик од уште посмртоносна војна помеѓу големите сили.
Либералните „јастреби“ ќе тврдат дека опстанокот на слободата е во прашање. Нека им е со среќа: откако покажаа дека се немоќни да го запрат подемот на Трамп, тие се надеваат дека ќе го контролираат подемот на Кина и да го обликуваат тоа што ќе следува според нивна волја. Студената војна поверојатно ќе ги засили, отколку што ќе ги уништи силите на нелиберализмот. Демагозите како Трамп лесно ќе ја заменат „црвената закана“ со „жолтата опасност“ и ќе акумулираат моќ да за чуваат безбедна земјата.
Во 1946 година, Хенри Волас, секретарот за трговија на претседателот Труман, предупреди дека Америка треба да престане со вооружувањето и отворањето бази низ светот. Вооружувањето и отворањето нови бази само ќе ги направи Русите небезбедни, осигурувајќи се дека е неизбежен конфликтот што тие треба да го спречат. За другите земји, според Волас, американската надворешна политика не се состои само од принципите што ги заговара, туку и од американските постапки. Потоа, Труман побара оставка од Волас, а суперсилите ја почнаа првата Студена војна. Дали ќе избегнеме втора?