Америка го напушти Авганистан, но предводникот на отпорот против талибанците, Ахмад Масуд, ги полага надежите во Франција, барајќи странска поддршка за неговата кауза.
Во огласи објавени во францускиот печат, 32-годишниот Масуд апелираше дека Париз е негова најголема надеж. Негова врска со Франција е филозофот и новинар Бернар-Анри Леви, кој отпатува во Панџшир за да пишува за Масуд за магазинот „Пари Мач“, во октомври минатата година.
Во писмото до Леви, Масуд бараше тој директно да апелира до францускиот претседател Емануел Макрон, за да му порача оти „Франција е единствената надеж која преостанала за отпорот“. Во друго писмо, по падот на Кабул, Масуд ја спореди состојбата во Авганистан со онаа во Европа во 1940 година и го цитираше поранешниот француски лидер Шарл де Гол.
Лидерот на авганистанскиот отпор вчера истакна и дека се надева на одржување на разговори со талибанските сили кои ја преземаа контролата врз државата, но нагласи и оти неговите сили се подготвени за борба.
– Сакаме талибанскиот режим да увиди дека преговорите се единствениот начин за напредок. Не сакаме да избие војна – кажа Масуд додавајќи дека неговите поддржувачи се „подготвени да се бранат, да се борат и да му пружат отпор на секој тоталитарен режим“.
Масуд, кој е школуван во Велика Британија, имаше 12 години кога неговиот татко Ахмад Шах Масуд беше убиен од Ал каеда. Таткото на Масуд го стекна образованието во Франција, каде што подоцна се здоби со голема популарност по документарен филм објавен во 1998 година. Тој беше еден од водачите на авганистанскиот отпор во конфликтот против СССР, во 80-те години на минатиот век.
Француската влада засега одбива јавно да коментира дали ќе одговори на барањата на Масуд.