Преведувачката на Стејт департментот, Марина Грос, беше единствената Американка присутна за време на состанокот помеѓу претседателот на САД Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин, во Хелсинки минатото лето, пренесува телевизијата Еј-би-си.
Грос го привлече вниманието на американската јавност, откако се појавија шпекулации дека таа би можела да знае детали од приватните разговори помеѓу Трамп и Путин. Постои загриженост дека би можел да биде поставен опасен преседан во случај Грос да биде повикана да сведочи пред американскиот Конгрес, или пак, таму да бидат претставени нејзините белешки.
Грос, која е родена во Русија, се преселила во САД во кон крајот на 80-те години на минатиот век. Таа била ангажирана како преведувачка од Стејт департментот во 90-те години, по што подоцна била и постојано вработена.
Ангажманот на Грос на состанокот од 16 јули минатата година е предмет на интерес на Демократите во Конгресот, бидејќи сметаат дека таа била единствената Американка присутна за време на двочасовниот претседателски состанок во главниот град на Финска. Трамп и Путин досега се сретнаа петпати, од кои во два наврати имаа средба во „четири очи“, во Хелсинки и во германски Хамбург.
На средбата во Хамбург бил присутен и тогашниот државен секретар на САД Рекс Тилерсон кој доставил кратка содржина од состанокот од медиумите, но „Вашингтон пост“ објави оти не Стејт департментот нема запис од средбата, додека Трамп, наводно, ги одземал белешките од преведувачот.
Оттогаш Демократите порачуваат дека сакаат да добијат увид во белешките на Грос, но нивните обиди да издејствуваат сведочење на преведувачите пред Конгресот беа спречени од Републиканците кои имаат мнозинство.
Професионалните преведувачи се загрижени дека сведочењето на дипломатски преведувач би претставувало опасен преседан, а се прашуваат и дали белешките на Грос воопшто би биле значајни.
Преведувачите сметаат дека „дури истражителите и да дојдат до посед на белешките, веројатно не би знаеле што да сторат со нив“, бидејќи преведувачките белешки вообичаено не содржат цитати, туку нивна цел е да го доловат значењето на одредени зборови или реченици.
Упатените во оваа тематика посочуваат дека покорисни би биле т.н. „меморандуми од разговорите“, кои претставуваат официјални доверливи документи составени од преведувачите врз основа на нивните белешки. Исто така, претседателот на САД е единствениот кој може да даде дозвола на преведувачката за објавување на информации собрани за време на приватна средба.