Како секој што некогаш го реновирал домот, така Меланија Трамп треба да заврши уште неколку детали до петок кога во Белата куќа треба да се одржи втората државна вечера во мандатот на Трамп. Во Црвената соба има нови тапети, преуредени драперии во Зелената соба и реставриран мебел во Сината соба. Ова се само дел од проектите за преуредување со кои првата дама се занимаваше за да се зачува музејскиот квалитет на одаите во Белата куќа, кои се достапни за јавноста, пренесува „Тајм“.
Австралискиот премиер Скот Морисон и неговата сопруга Џени ќе присуствуваат на свечената вечера организирана во нивна чест и први ќе имаат можност да ги посетат реновираните простории. Првата дама, која има улога да се грижи за Белата куќа, постојано одржува состаноци со главниот портир, кустос и другиот персонал за да утврдат кои се приоритетите во реновирањето.
Меланија, која не се експонира многу како прва дама, го искористи нејзиниот интерес за историјата за да ги надгледува проектите за реставрирање на Белата куќа. Таа дизајнираше нов килим за собата за дипломатски состаноци и за главниот влез на јужната градина. На килимот се извезени 50 цветови кои ги симболизираат сојузните држави. Во Зелената соба драпериите само беа прешиени за да се заштеди на непотребни трошоци. Лани Меланија во Сината соба врати неколку реставрирани парчиња мебел од колекцијата од познатиот апаратман Беланжè.
Идеите за реновирање на Белата куќа мора секогаш да бидат проследени од Комитетот за реставрација на Белата куќа основан од страна на Кенеди, кој е главно советодавно тело за уредување. Комитетот бара средства од Историската асоцијација чиј одбор обично дава дозвола за еден до 1,5 милиони долари за такви проекти на годишно ниво.
Белата куќа има повеќе функции, односно да биде кабинет на претседателот и на
администрацијата, дом на неговото семејство и жив музеј. Просечно половина милион туристи годишно ја посетуваат резиденцијата, покрај достоинствениците и оние што присуствуваат на приемите и други видови настани, така што мора често да се прават поправки.
Мебелот од апартманот Беланжè беше донесен во Белата куќа во 1817 година од страна на тогашниот претседател Џејмс Монро, но во 1860 година речиси сите парчиња беа продадени на аукција.
Сто години подоцна, Џеки Кенеди стана прва дама и беше згрозена што Белата куќа била опремена со евтин мебел. Затоа таа ја формирала Историската асоцијација, советодавниот комитет и кустосот за претседателската резиденција да ги поседува само најдобрите колекции.
Белата куќа успеа да врати 10 парчиња од оригиналниот апартман кој го дизајнираше самиот Пјер-Антоан Беланжè. Остатокот од колекцијата е „изгубен“. Проектот за реставрирање на Беланжè започна уште кога Мишел Обама беше прва дама, а беше завршен лани и беа потрошени вкупно 450.000 долари. Исто така беше завршена и реставрацијата на дрвото, металот и осветлувањето во лифтот кој води до приватните простории на претседателот.
Следна за преуредување е Собата за дипломатски прием. Меланија исто така ја реновираше и кугланата во резиденцијата, која потекнува уште од ерата на Никсон. Мишел Обама претходно ја реновираше Собата за свечени државни вечери, старата семејна трпезарија и додаде уметнички дела на Алма Томас, првата афро-американска сликарка.
Подготвила Билјана Здравковска